Годишното време кога бебето е родено влијае врз ритамот на биолошкиот часовник во текот на целиот живот. Луѓето родени во лето често имаат поведар дух, од оние кои биле „зимски“ бебиња.
Резултатите од истражувањата покажуваат дека бебињата родени во зима се поспори, што може да влијае врз нивното здравје и ставот кон животот во зрелите години, додека бебињата родени во лето се поактивни и често растат во луѓе кои на животот гледаат со повеќе оптимизам, пишува “Дејли мејл“.
Научниците таквите резултати ги толкуваат како последица на намаленото количесто на дневна светлина во зимските месеци. Лицата кои се родени во зима потешко ги поднесуваат промените на годишните времиња и се склони на ненадејни промени на распложението, се наведува во студијата објавена во списанието Nature Neuroscience.
Количината на дневна светлина во првите месеци од животот е клучна за формирање на долготрајното расположение. Освен спориот биолошки часовник, децата кои се родени во зима, често страдаат од алергии, кои се предизвикани од недостиг на витамин Д.
Од друга страна децата родени во лето почесто страдаат од кратковидост, токму заради силното сонце.
– Иако теоријата за тоа дека годишното време кога сме родени влијае врз нашата личност и природа звучи неверојатно, не е невозможна. Звучи како астрологија, но всушност во прашање е нешто многу едноставно – сезонска биологија, вели др Даглас Мекмахон кој учестуваше во истражувањето.