Целокупниот имот на рудниците Злетово во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка се понудени на продажба откако пред неколку недели Апелацискиот суд во Штип ја потврди одлуката на првостепениот суд за поништување на хипотеката која беше ставена на десет месеци пред прогласување на стечајот од страна на поранешниот концесионер индиската компанија Индо минерали и метали.
Заинтересираните компании огласот можат да го видат и веќе е објавен на веб страницата на Централен регистар на Република Македонија.
Во огласот стои дека проценетата вредност на имотот на двата рудника во Пробиштип и во Крива Паланка изнесува над 7 милиони евра.
Исто така, во огласот се наведува дека право на учество на продажбата имаат домашни и странски компании кои имаат концесија за експлоатација на олово-цинкова руда на територијата на Република Македонија.
Заинтересираните компании најдоцна до утре односно до 22 јуни треба да уплатат депозит од 10 проценти од проценетата вредност на имотот или околу 750 илјади евра.
Електронската продажба ќе се одржи во петок на 24 јуни.
Новиот концесионер бугарската фирма „Минстрој“ која ја плати концесијата од два милиона евра за експлоатација на олово-цинковата руда во двата рудника неколку месеци имаше проблеми со рестартирањето токму поради правната пречка односно постапката за побивање на хипотеката на имотот.
Раководството на синдикатот на рудникот Злетово информира дека деновиве се повикани 25 работници кои ќе работат во окната и флотацијата, а очекуваат наскоро да бидат повикани и други рудари кои ќе работат на рестартирањето на рудникот.