Фудбалската репрезентација на Велс, по пауза од 58 години, се пласираше во осминафинале на континентално првенство. Велс го освои првото место во групата Б на Европското првенство, откако ја прегази Русија со 3:0.
Прво Арон Ремзи го совлада Игор Акинфеев по асистенција на Џо Ален, а Нил Тејлор го зголеми водството. Точка на натпреварот стави Герет Бејл со својот трет гол на првенството со кој изби на првото место на листата на стрелци.
Англија одигра без голови против Словачка. Во 18. минута Џејми Варди одлично биеше, но голманот на Словачка беше на вистинското место. Во 33. минута, Лалана беше во идеална можност да ја доведе Англија во водство, но неговиот удар со глава беше многу лош.
Пред крајот на полувремето, Џордан Хендерсон биеше кон голот на Словаците, но неговиот удар беше изблокиран. Во второто полувреме, Мартин Шкртел ја спаси својата репрезентација со интервенција на самата гол-линија по ударот на нововлезениот Деле Али.
Велс како првопласирана селекција со шест бода оди во осминафиналето, Англија има пет на второто место, а понатаму би требало да продолжи и Словачка која со четири бода го освои третото место. Русија го заврши Европското првенство со еден освоен бод.