Францускиот министер за економија Емануел Макрон, отсега ќе треба да плаќа данок на богатството (ИСФ), објави порталот Медиапарт, пренесува дописникот на МИА од Париз.
„По 1,5 година дискусии со даночната служба, кои се однесуваа на вредноста на имотот на неговата сопруга во Туке, Емануле Макрон на крајот призна дека треба да плати данок на богатство и поднесе нова даночна пријава за 2013 и 2014 година, пишува Медиапарт.
Имотот на министерот повторно беше проценет, со што е надминат прагот за плаќање данок на богаство, што е утврден на 1,3 милиона евра.
Засега министерот не сака да дава изјава, зборувајќи за „даночна тајна“, која се применува за секој француски даночен обврзник.
Министерот Макрон во април го критикуваше данокот на богатство.
Според комисијата за транспарентност на лицата во јавниот и политички живот, Емануел Макрон кога работел во банката Ротчилд, меѓу 2011 и 2012 година, заработил 2,4 милиони евра .