Kомунистичката партија на Кина денеска и официјално го назначи 59-годишниот Си Џинпинг за нов генерален секретар и за шеф на партиската Централна воена комисија. Се очекува Џинпинг во март да ја преземе и функцијата претседател на Кина.
Со тоа завршува десетгодишното партиско раководство на Ху Џинтао, лидерот под чија администрација Кина доживеа извонреден раст. Преземајќи ја функцијата Си Џинпинг изјави дека новото раководство ќе се бори за подобар живот во земјата.
Втор на конгресот на Комунистичката партија се појави Ли Кечианг, кој се очекува да стане премиер. Обраќајќи им се на делегатите и новинарите, Џинпинг вети дека ќе ја преземе историската палка и ќе продолжи да работи на обнова во земјата.
Си и Ли ќе бидат предводници на најновата генерација кинески раководители, пред кои стои задачата да продолжат со забрзаното темпо во кинеското стопанство, да обезбедат политичка стабилност и да решат многу општествени прашања со кои се соочуваат Кинезите.