Над две илјади спортисти и рекреативци денеска учествуваа на најмасовниот планински настан во Македонија „Прв до врв 2016“, на планината Водно.
Во натпреварувачкиот дел оваа година се одржаа поголем број трки, како што се трките во планинско трчање, планинарење, планински и друмски велосипедизам.
Дел од наградите за најдобрите натпреварувачи во трките ги додели градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски при што упати честитки до сите учесници и победниците, како и до организаторите на „Прв до Врв 2016“. Градоначалникот истакна дека Градот и во иднина ќе продолжи да ја помага оваа спортска манифестација.
На трката друмски велосипедизам во женска категорија прво место освои Ивета Алексиева, а во машка Даниел Јаковлевски.
Во трката планински велосипедизам прва од жените пристигна на целта Цвета Кушовска, додека Александар Грујовиќ беше прв од мажите.
Наградата за најдобар тим во планински и друмски велосипедизам ја доби тимот на „Енерџи“.
Во трчање најдобри беа Марија Стојановска и Штефан Вебел.
Во рамки на манифестацијата се одржа олимпискиот пикник на целта кај врвот, каде се одржа и музички еко фестивал на кој настапија групата Бета Хаус, Слаткаристика и диџеј Гоце САФ.