Петтемина обвинети во случајот „Ќелија“, кои се товарат дека учествувале во странски војски или паравоени формации, на денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд, како и останатите шестмина обвинети ја признаа вината.
Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Мухамед Имери, Ерол Рустеми и Стефан Стефановски при изјаснувањето рекоа дека доброволно ја признаваат вината и оти се свесни за последиците.
Обвинителот Владимир Милошевски побара обвинетите да се прогласат за виновни согласно законските одредби, додека пак адвокатите побараа судијата да ги земе предвид сите олеснителни околности и да им изрече поблаги казни.
При оценувањето на обвинителниот акт вината ја признаа и Оџата Реџеп Мемиши, Ахмет Дарлишта, Сејфула Етемовски, Ресуљ Саити, Фазљи Суља и Мухамед Шеху. Тие беа осудени на минимални затворски казни од пет до седум години.
Според обвинението, осомничеите во „Ќелија“ дејствијата ги започнале во октомври 2014 година.
– Има три категории на дела кои ги им се ставаат на товар на осомничените. Прво, регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, второ, собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата кои ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странската војска и трета категорија на дела – учество во странска војска, вели обвинителот Владимир Милошевски.
Судот во среда треба да ги изрече казните за петмината обвинети во сучајот „Ќелија“.