20:05 Демонстрантите фрлаа со боја врз слика на Груевски, при што извикуваа „Мафија, Мафија!“.
19:57 Пред зградата каде што живее Груевски граѓаните палат факели и викаат „Шутка не ти бега Никола“. Полицијата ја има блокирано улицата кај зградата. Демонстрантите стојат на раскрсницата.
19:52 Колоната се движи кон зградата кај што живее Груевски и скандираат „Затвор не ти бега Никола!“.
19:36 Обоена зградата на пазарната инспекција во боите на Шарената револуција.
19:18 Групата демонстранти се упати кон зградата на пазарна инспекција. Тие подоцна ќе се упатат кон зградата каде што живее екс премиерот, Никола Груевски.
19:00 Демонстрантите се движат по булеварот свети Климен Охридски.
18:45 Протестот почна од пред СЈО, прво кон Пазарна инспекција, потоа кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
18:00 На зборното место во Скопје, пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, се собираат демонстрантите кои денеска ќе учествуваат на протестот со кој бараат да се повлече одлуката за аболиција на Ѓорге Иванов и да се одложат изборите од 5 јуни.
Шарената револуција денеска ќе се движи кон зградата на Пазарната инспекција, а се очекува и да се појават пред зградата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, каде пред половина час се истовари цел автобус со полицајци.
– Деновиве сме сведоци на инспекции врз ресторани и кафулиња, уништување имот на невладини организации и приватен имот, вербални и физички напади врз соборци и граѓани. Но, повторно и повторно порачуваме: „Тоа нема да не спречи да ја бараме слободата!“ Веќе доволно пати сме биле сведоци на вакви притисоци и заплашување – нема да ви поминат. Ќе останеме солидарни со сите наши соборци и граѓани кои најдемократски бараат нормален живот без страв и уцени. Остануваме на улица се до подобра Македонија. И гласно покажуваме: Газиме врз стравот! – порачуваат денеска демонстрантите.