Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, пишува за што може да се преговара сега кога е извесно дека изборите се одложени, но посочува дека протестите мора да продолжат.
Еве што напиша Жерновски:
Изборите се одложени и тие веќе не смеат да бидат главна тема на преговорите. Не ни треба уште една фарса во која Груевски ќе го руши новото „Пржино“, чекајќи го, наводно, „судот на народот“.
Сега може да се преговара само за тоа како и кога сите обвинети од СЈО ќе одговараат.
Сега може да се преговара само за тоа како и кога ќе се формира нов специјален оддел во судот, бидејќи судство во моментов не постои.
Сега може да се преговара за тоа како ќе ја вратиме правната држава и институциите, бидејќи со аболицијата на Иванов, се сруши и последниот столб од правната држава.
Сега може да се разговара како да ја спасиме европската перспектива која, поради криминалната влада, е доведена во прашање. Доста е од натегање со датум за избори.
Ова не е важно само поради тоа што Груевски и соработниците треба да одговараат. Ова е, пред се’, важно затоа што ако сега не ги вратиме институциите и правната држава, нема никогаш да ја вратиме одговорноста на политичарите. Ако обвинетите се спасат од правдата, кој гарантира дека во иднина било која влада ова нема да го повтори?!
Затоа протестите мора да продолжат, а преговорите да се насочат кон враќање на институциите и правдата.