Романија планира да ги спречи сите обиди за отварање на нови миграциски маршрути, а во таа смисла и преку Црното Море, изјави романскиот министер за внатрешни работи Петре Тоба, на прес-конференција вчера по разговорите со неговиот грузиски колега Гиорги Мгебришвили, кој е во посета на Букурешт.
– Романија располага со современ систем за набљудување и контрола во Црното Море СЦОМАР, кој овозможува откривање на секаков вид незаконска дејност. Тоа и овозможува на земјата да им достави квалитетна анализа на нејзините партнери, изјави Тоба.
Тој посочи дека романското Министерство за внатрешни работи е заинтересирано за развој на соработката со земјите партнери од Црноморскиот регион по прашања за безбедноста.
За време на посетата на грузискиот министер за внатрешни работи на Романија беше потпишана заедничка изјава, согласно која Романија ќе и пружи поддршка на европската интеграција на Грузија, како и во реформите на грузиското МВР со цел забрзување на процесот на приближување на земјата кон ЕУ.