Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов со вчерашната објава за колективното помилување на 57 осомничени сторители на кривични дела, за кои се поднесени кривични пријави и поведени кривични постапки, ги пречекори своите уставни и законски овластувања и со тоа сторил кривично дело Злоупотреба на службена положба од член 353 став, од Кривичниот законик на РМ, реагира Хелсиншкиот комитет.
„Ставот и одлуките за помилување Претседателот ги донел без законски основ со оглед на фактот што член 11 од Законот за помилување на кој тој се повикува, е укинат и не е составен дел на правниот поредок на Република Македонија. Спинувањето на Уставниот суд на Република Македонија со кое наместо да се укинат актуелни одредби на постоечкото законодавство се укинува Законот за измени и дополнувања… не може да го врати укинатиот член 11 од Законот за помилување кој на претседателот му даваше ексклузивно право без претходно предвидената процедура во Министерството за правда, да помилува сторители на кривични дела. Претседателот се ставил над правото, над Парламентот и над политичкиот договор од Пржино, со што суштински ги укинал овластувањата на Специјалното јавно обвинителство, како консензуално прифатен орган надлежен да ги гони кривичните дела кои се поврзани со нелегално прислушуваните разговори. Ова е веројатно единствен пример во историјата каде што еден претседател на држава помилувал масовно и организирано кршење на човековите права и слободи што вклучуваат случаи на повреда на уставното право на слобода на избори, повреда на приватноста, коруптивни и други злоупотреби на политичката елита, претходно нотирани во низа веродостојни и сериозни домашни и меѓународни извештаи на низа владини и невладини организации. Ваквиот чин не е само чин на рушење на правната држава туку и сериозна повреда на меѓународните обврски за заштита на човековите права ратификувани од Република Македонија“, велат од Комитетот.
Од таму велат дека Иванов, при користењето на своите овластувања не го дал неопходното објаснување за секој поединечен случај на помилување туку нуди политикантски образложенија во јавното обраќање до нацијата, од кои не се гледа нивната оправданост и наводниот интерес на државата, туку се спомнуваат „мрачни сили“ и необразложени заговори поради што ѝ должи објаснување на јавноста за исправноста за овој скандалозен чин.
„Брзоплетоста и неоснованоста на поединечните одлуки станува очигледна особено во случаите каде се помилувани луѓе кои воопшто не се осомничени во кривични постапки, па така се помилувани лица кај кои само е извршен претрес во врска со други осомничени лица, како и помилување на лица за кои што постојат само кривични пријави но не е поведена кривична постапка, член 19 од ЗКП јасно определува дека кривичната постапка започнува со наредба за истрага или претходно преземено, конкретно истражно дејствие, што не е случај кај некои од помилуваните лица.
Со тоа, претседателот Иванов кој на граѓаните им вети дека ќе работи во тим со Владата на ВМРО ДПМНЕ, себеси се круниса како почесен член на злосторничкото здружение одговорно за рушењето на правната држава и демократијата во Република Македонија“, порачуваат од Хелсиншки комитет.