Изутринава нови групи членови на ВМРО-ДПМНЕ од повеќе градови пристигнаа пред Уставниот суд кој денеска одлучува за Иницијативата за измени во Законот за помилување. ВМРО-ДПМНЕ организираше автобуси и се праќаа пораки до членовите и администрацијата дека треба да се дојде во Скопје.Цела вечер и изутринава пристигнуваа автобуси кои се паркираа кај МКЦ.
Инаку стотина граѓани ноќта ја минаа околу платото на Уставниот суд. Видливо присутна е и полицијата, а има и неколку борбени полициски возила.
Во 9 часот почна седницата на Уставниот суд, а претседателката на уставниот суд има забрани пристап и на новинарите, нешто што досега не се случило.
Гошева откако беше избрана за претседател на Уставниот суд, забрани снимање на седниците, а сега од салата на Уставниот суд ги „избрка“ и новинарите. Нема образложение за ваквата одлука.Според Законот седниците на судот се јавни и отворени.
И во членот 83 од Деловникот пишува дека работата на Уставниот суд е јавна.
Јавноста од расправите, седниците и подготвителните седници на Уставниот суд може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државата, службената или деловната тајна, заштита на јавниот морал, но и во други оправдани случаи што ги определува судот.