Медиумска кампања за многудетни семејства, субвенции за песни и автори кои промовираат семејни вредности, државен надоместок за третот дете. Од 2008 година, преку серија на законски измени Владата почна да спроведува политики за стимулирање и поддршка на семејствата со повеќе деца, да го зголеми наталитетот, пишува новата неделна економска анализа на Порталб.мк. Но, новото истражување со наслов “ Имај трето дете – анализа на продобивки и трошоци за социјалната мерка – родителски додаток за трето дете“ не само што открива дека крајниот ефект од мерката е негативен, туку и дека крајната цел – раст на наталитетот не е постигната.
Кампања, субвенции, песни – какви се ефектите по наталитетот?
Новиот технички премиер Оливер Спасовски, според објавените податоци, како дел од неговата биографија, е татко на две деца. Во сегашниот владин кабинет на една рака се бројат министрите што имаат повеќе од две деца. Еден од нив е министерот за животна средина Нурхан Изаири, кој е татко на три деца, исто како и заменикот премиер за економски прашања, Владимир Пешевски. Татко на три деца е и министерот без ресор Неждет Мустафа. Од актулените истакнати членови на владеачката Вмро-Дпмне, три деца има и пратеникот Владимир Ѓорчев.
Поранешниот премиер Никола Груевски е татко на две деца, додека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски го проширува семејството со уште едно дете. Од некогашните функционери, татко на четири деца е еден од екс премиерите Владо Бучковски.
Министерот за финансии Зоран Ставрески е татко на едно дете, исто како и министерот за здравство Никола Тодоров. Едно дете има и заменик на претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковен договор, Муса Џафери. Ваква е сликата во Владата која од 2008 година почна да ја спроведува Кампањата за многудетни семејства, а потоа преку серија на законски измени се обезбедија државни субвенции за многудетни семејства а се даваа и пари за поддршка на песни кои ги промовираат семејните вредности.
Според истражувањето што го направи ЗИП Инситутот, а во организација на “Finance- think“, наталитетот во земјава опаѓа. Така, податоците од анализата покажуваат дека во периодот од 2002 и 2009 година стапките на природен прираст ферталитет ( број на деца кои се раѓаат во репродуктивен период) континуирано се намалуваат за сметка на зголеменето учество на старо население во целокупната структура на населението. За да го стимулира наталитетот, Владата објави пакет на државни субвенции.
“Се воведе финансиска помош во вид на родителски додаток за второ дете во висина од 5.000 денари месечно, односно 30% од просечната плата во земјава. Паричната помош за второ дете, семејствата требаше да ја примаат секој месец во траење од 9 месеци, а за трето во висина од 8.250 денари месечно, односно 50% од просечната плата, пишува новата неделна економска анализа на Порталб.мк. Паричната помош семејствата беше одлучено ја примаат секој месец во траење од 10 години и четврто дете во висина од 11.550 денари месечно, односно 70% од просечната плата , која семејствата би ја примале секој месец во траење од 15 години.
Родителскиот додаток беше предвиден да се исплаќа од 1 јануари 2009 година за мајки, во исклучителни ситуации татковци или старатели на живородени деца родени по наведениот датум кои живеат најмалку три години во општините каде природниот прираст на населението е под 2,1 промили“, се наведува во истражувањето кое посочува дека последното решение беше укинато од страна на Уставниот суд и се додава:
“Министерството за труд и социјална политика одлучи да ја имплементира мерката со тоа што право на родителски додаток би остварувале мајките на третородени и четвртородени деца на територијата на цела земја во предвидениот износ. Од 12 април 2010 година се укинува родителскиот додаток за новородени четврти деца и во сила останува само додатокот за трето дете“.
Анализата покажува дека стапката на природен прираст на населението во изминатите неколку години се намалува, па така во 2010 изнесувала 2,5% а во 2014 година 1,5%. Истражувањето покажува дека во овој период бројот на првородени деца е благо зголемен, исто како и бројот на трето родено дете, додека во 2014 во однос на состојбата во 2010 година бројот на второродени деца е во пад.
“Она што останува нејасно се причините за укинување на додатокот за второ и четврто дете, како и основната цел и очекувани резултати од понатамошното имплементирање на политиката. Со оглед на континуираното зголемување на бројот на третородени деца, товарот за буџетот се очекува да се зголемува со ист интензитет и останува прашање дали ќе биде финансиски возможно да се продолжи со имплементација на мерката дефинирана во овие услови.
Препораката е да се редефинира целната група и да се работи на креирање програма за стимулација за раѓање на прво и второ дете, што не мора нужно да претставува директна финансиски надомест“, се заклучува во истражувањето и се додава:
“Од 2011 год. до 2014 стапката на природен прираст е помала дури и од 2006 год. кога била 1.9. Ваквите индикатори упатуваат на фактот дека ефектот од мерката не кореспондира со поставената цел, односно зголемениот број на третородени деца не е доволен да го надомести недостатокот на првородени и второродени деца во вкупниот број на живородени деца“ пренесува Порталб.мк.
Заклучно со 2015 година во земјава имало 20 581 родители – корисници на родителскиот додаток за трето дете, и овој број во однос на 2009 та година се зголемил за 18 683 нови корисници.