Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски излезе со свој став околу чистењето на избирачкиот список, фантомските гласачи и референдумот за ГТЦ. Еве што напиша Жерновски:
Излегуваат на виделина валканите тајни на власта. Како што тргнало со откривањето на фантомските гласачи во Центар, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ очигледно имаат поддршка само од најтесното партиско членство во општината. За само еден ден, веќе се открија станови со по стотици гласачи.
Во овие моменти, клучно е да се постави прашањето дали може ДИК навреме да го прочисти списокот? Ќе ја дознаеме ли точната бројка на фантомските гласачи во Македонија? Колку гласови му биле „достапни“ на Груевски за манипулација?
Само за Општина Центар веќе се шпекулира со бројки од над 3000 гласачи.
Граѓаните мора да дознаат до крај што точно се случувало. Колкав број на граѓани на други општини и соседни земји одлучувале за нив. ДИК ќе мора да ја гарантира релевантноста на избирачкиот список на следните избори, за секој гласач да биде убеден дека неговиот глас вреди и дека не е предмет на груба манипулација.
Дополнително, се отвара уште едно прашање кое навистина ги засега граѓаните на Центар и Скопје, се разбира и лично мене. Имено, да не беше вака “набилдан” избирачки список во Центар, ние всушност ќе имавме и административно успешен Референдум за ГТЦ, бидејќи се постигнува излезност од над 50 % од реалното гласачко тело!
Анализата на ДИК ќе треба да покаже и докаже дека фиктивно високиот праг од 50 % директно влијаел на конечниот исход.
Многу прашања се отвораат во овој момент а граѓаните и јавноста, со право, очекуваат одговори. Самите ние, како совесни граѓани, можеме многу да помогнеме и затоа ве повикувам сите заедно активно да се вклучуме во прочистувањето на криминално направениот избирачки список.