Управата на ракометниот клуб Вардар брзо реагираше и донесе одлука да ги суспендира двајцата играчи и македонски репрезентативци Стојанче Стоилов и Дејан Манасков, поради инцидент кои се случи пред две ноќи. Притоа во инцидентот Стоилов се здоби со повреди кои му ги нанеле 4-5 лица, а беше оштетен и автомобилот на Манасков.
Раководството на Вардар во текот на вчерашниот ден објави дека доколку играчите биле дел од немилите настани ќе бидат и соодветно казнети.
– Поради прекршување на правилата на однесување, а согласно Дисциплинскиот правилник на клубот, играчите Стојанче Стоилов и Дејан Манасков се казнети со двонеделена суспензија. Тие во овој период ќе тренираат со вториот тим на Вардар, а клубот реши истовремено и парично да ги казни. Двајцата играчи доставија изјави за нивното однесување во врска со настанот во кои биле инволвирани. Било констатирано прекршување на клупската дисциплина, поради што се санкционирани, се вели во соопштението објавено на клупската интернет страница.
Суспензијата од две недели значи дека тие нема да бидат дел од составот за два натпревара од СЕХА лигата, како и за дуелот од Лигата на шампионите со Рајн Некар Ловен. Евентуално враќање во тимот би требало да биде за дуелот од Лигата на шампионите против Кристијанштад во Скопје.