Метеоролошкиот феномен Ел Нињо, кој предизвикува екстремни суши, но и големи поплави на двата брега на Тихиот океан, со најновата појава најмногу ги загрози Тајланд, Сингапур и Малезија.
Во трите држави на југоисточна Азија владее долготрајна суша, а топлото и суво време погодува на развој на комарци, особено на најновиот и најопасен вид кој предизвкива тежок, тешко излечлив облик на маларија, наречен „Денга“.
Здравствените власти во југоисточна Азија посебно ги загрижува тоа што новиот модифициран вид комарци, што се појави кон крајот на минатиот век, подинамично се размножува во плитки и топли води, а овие услови ја зголемуваат и нивната можност да пренесат маларија. Болеста, наречена Денга, предизвикува смрт на над 10.000 лица секоја година, но остава и трајни лоши последици по здравјето на тие што ќе преживеат.
Голема загриженост предизвика веста од Сингапур, според која во првата половина од овој месец од Денга биле инфицирани над 600 нови лица. Многу загрижувачки беше доживеана смртта на познатиот артист Трисади, кој не успеа да се избори со последиците од грозницата што ја предизвикаа опасните комарци. Овој настан за кратко ги фрли во сенка вестите дека само во Тајланд бројот на заболените од маларија во декември лани бил шест пати поголем од истиот месец 2014 година.
Сушата во овој регион може да потрае и до мај, кога почнува сезоната на дождови. Монсуните можат да донесат дождови и порано, но тоа ќе зависи и од однесувањето на феноменот Ел Нињо, односно колку тој ќе придонесе за загревање на водата на површината во екваторскиот дел на Пацификот.
Властите во Малезија и Тајланд започнаа со копање на неколку стотина бунари, за да се избегне недостигот на вода за пиење во загрозените подрачја. Состојбата во акумулациите во кои се чува вода за пиење е на критично ниво во Тајланд, а значително е подобра во Малезија, од каде со вода за пиење се снабдуваат и жителите на Сингапур.