Авиокомпанијата Чех ерлајнс ќе ја обнови редовната авионска линија Скопје – Прага од 20 мај годинава, со три лета неделно. Билетот во еден правец чини 5.039 денари (85 евра), а повратен 9.725 денари (159 евра) со вклучени такси.
Воспоставувањето на редовната линија Скопје – Прага го потврдија денеска на прес-конференција Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во Чех ерлајнс и генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски, во присуство на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Летови од Скопје кон Прага, како што најави Тот, ќе има во понеделник, среда и во петок, со тргнување во 4 часот наутро и пристигнување на аеродромот „Вацлав Хавел“ во 6 часот и 10 минути. Од Прага за Скопје, пак, летовите ќе се реализираат во вторник, четврток и во недела навечер во 22:25 минути, со пристигнување на „Александар Велики“ 25 минути по полноќ. Од 20 мај ќе има летови за Прага во понеделник и во петок, а од Прага за Скопје во четврток и во недела. Од 13 јуни односно од 14 јуни се воведува и третиот лет, полетувања за Прага во среда и за Скопје од вторник.
Според Тот, оптимистички се првичните резултати од продажбата на билетите за летовите Скопје – Прага што стартуваше од декември. – Интересот за релацијата меѓу двата града, како и за летовите за конекција од Прага првенствено до Германија и Скандинавија е веќе потврден, рече Тот кој очекува директната врска Прага – Скопје да придонесе за натамошен развој на деловните односи меѓу двете земји и да биде привлечна за туристите.
Министерот Мисајловски истакна дека воведувањето на линијата е резултат на барањето од граѓаните и оти Прага беше една од најпосакуваните дестинации. – Одлуката за нова линија која се надевам дека ќе ги исполни нашите и очекувањата на граѓаните доаѓа во време кога авиосообраќајот во Македонија бележи најдобри резултати од кога било благодарение на мерките што континуирано ги спроведуваме, рече Мисајловски, дополнувајќи дека отворањето на македонскиот пазар и воведувањето нови линии се приоритет во авиосообраќајот.
Нашата упорност, посочи Мисајловски, резултираше со нови 20-ина линии до европските дестинации со многу поволни цени и достапност на билетите. Од напролет, потсети министерот за транспорт, освен кон Прага, ќе бидат воведени уште три нови линии, кон Братислава, Копенхаген и Берлин.
Генералниот директор на ТАВ Македонија појасни дека редот на летање е направен да одговара на македонските деловни и туристички патници кои патуваат во Чешка. Двете целни групи ќе може да го планираат престојот така што ќе имаат време од два полни дена со една ноќ или еден продолжен викенд.
Чех ерлајнс ја опслужуваше линијата Скопје – Прага од 2005 до март 2012 година, кога операциите беа прекинати поради преструктуирање на компанијата.
Повторното летање за Прага, како што рече Крстевски, ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија.
– Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго превозот, наведе Крстевски, укажувајќи дека пристигнувањето на патниците на новите летови од Скопје кон Прага е координирано со поаѓањето на многу летови на Чех ерлајнс со што патниците од Скопје ќе можат да го продолжат патувањето до повеќе традиционални дестинации како што се Амстердам, Брисел, Франкфурт, Дизелдорф и Париз и градови во Скандинавијата.
Очекувањата на ресорното Министерство и на концесионерот со македонските аеродроми ТАВ Македонија се дека повторното воспоставување на линијата Скопје-Прага ќе придонесе за натамошен раст на бројот на патници и операции. Како што информираа Мисајловски и Крстевски, минатата година за 22 проценти е зголемен вкупниот број патници на аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, односно нивниот број достигна 1.560.381. Бројот на воздухопловните операции, пак, е зголемен за 11 проценти и изнесува 11.510.