Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, на својот ФБ профил напиша дека избори без опозиција не може да има, а токму медиумите и непречистениот список се главна алатка на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски за победа на изборите.
Еве што напиша Жерновски:
Избори без опозиција, не може да има. Тоа им е јасно на сите во државата и надвор од неа, а најмногу на Груевски и Ахмети.
Оваа претстава, што денес ни ја приредуваат токму тие двајца, нема да смени ништо во заложбите на опозицијата за фер и демократски избори. Нема да не’ убеди да учествуваме на нивните фалсификувани избори, каде победникот е познат однапред. И што е најважно, нема да ја реши политичката криза, туку само ќе ја продлабочи.
Кога Груевски вели дека сака да и’ стави крај на кризата, тој всушност сака да ја продолжи и продлабочи. Ако овој потег не е уште еден од нивните трикови за да се одвлече вниманието од неговата оставка, тогаш сум повеќе од сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ свесно ја продлабочува кризата и го руши договорот од Пржино.
Со овој потег, тие открија уште една вистина. А тоа е дека токму медиумите и непречистениот список се нивата главна алатка за победа на изборите. Открија дека се спремни на секое сценарио, само да не се откажат од фантомските гласачи и пропагандната машинерија.
Тоа, опозицијата не смее да го дозволи.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за мене се јасна и прочитана книга, исто како и за повеќето граѓани во Македонија. Но, не ја разбирам позцијата на Брисел. Ме чуди и конфузното менување на пораките, и тоа во рок од само два дена. Не верувам дека ЕУ, после сите случувања во изминатата година, ќе дозволи уште еден “тоалет хартија“ договор. Верувам дека ќе застанат на страна на правдата и демократските принципи и дека докрај ќе ја поддржат заложбата на граѓаните за одржување на фер избори, за кои, во моментов, на сите им е јасно дека нема услови.