Романија либера – Букурешт
Во Кишињев проевропејците се премногу корумпирани за да останат на власт, а русофилите чекаат згоден момент. Украина е на пат да се распадне, караницата меѓу Турција и Русија доведе до уште еден конфликт во Црното Море, а Романија се прави дека не гледа што се случува околу неа.
Западот од своја страна е соочен со дилемата дали да се смири со Русија, игнорирајќи го анектирањето на Крим, и дали е подобро да ги жртвува Украина и Молдавија во полза на еден нов меѓународен поредок.
Веќе постои еден модел, испробан од „Кока-Кола“, за помирување на сите спротивставени страни. Имено, неодамна претставници на „Кока-Кола“ се извинија откако на интернет објавија карта на која Крим е дел од Руската Федерација. По ова на 30 декември следуваше објава на нова карта на која овој пат Полуостровот и припаѓа на Украина, од што руските потрошувачи на „Кока-Кола“ изразија големо незадоволство и најавија бојкот. По ова, дојде најново извинување од страна на компанијата „Кока-кола“ на 5 јануари и последна карта на која Крим повторно и припаѓа на Русија.
Русија знаеше уште и пред анексијата на Крим дека ќе функционира тој „синдром на Кока-кола“, кој соодветствува на балансот на Западот и ги урива демократските соништа на Киев, Кишњев или Тбилиси.
Романија, без да е погодена од тој синдром, сепак изгледа парализирана од стравот да биде ангажирана во тешките процеси кои ќе го реконфигурираат регионот. Таа не сака да презема никакви дополнителни ангажмани, не ја интересира улогата на регионален лидер кон која се стреми само тогаш кога не може да ја постигне и ништо не може да ја помрдне од летаргијата.
Вербалните акробации од последниве години исчезнаа и заедно со нив испарија и сите амбиции во надворешната политика на земјата, што ни покажува дека станува збор за една погрешна интрига зад која не стои потрајна структура, туку само недостиг на инспирација кај националните лидери.
Клаус Јоханис зборуваше една година по преземањето на својот претседателски мандат за „привилегираните односи со Молдавија“, за поддршката за Кишњев кон „европскиот пат“, кој директно ќе биде „константа“ во надворешната политика на Романија, но не можеше да даде ниту еден пример за дадена помош за Молдавците.
Јоханис не само што не ја користи на никаков начин оската Букурешт-Кишњев, туку дури и систематски ја занемарува во период во кој Молдавија можеше да има шанса да се оттргне од „заразената зона“, а за формула за покажување на поддршка од страна на Романија за клучните области кои не функционираат на другиот брег на реката Прут.
Никој не може да ја премести Молдавија од нестабилниот регион во кој се наоѓа, никој не може да ги претвори сите Молдавци во евроентузијасти и никој не може во една ноќ да ги претвори старите и болни државни институции во функционални органи. Всушност, ако Кишњев беше еден од неговите основи приоритети, тогаш Букурешт ќе подадеше рамо за стабилноста на таа мала и зависна држава.
Клаус Јоханис и неговите советници можеа да имаат корист од фактот што Русија го одврза ременот за Молдавија, иако во 2015 година ја покажа цврстата намера да ја држи во шах позиција Украина и да ги диригира воените дејствија во Сирија. Романскиот претседател избра да го остави Кишњев да се справува сам, иако гледаше дека запаѓа во криза која би можела сосема да ја измени неговата судбина, што е знак дека на дневниот ред на Јоханис, Молдавија остана само како цел за пример. Зборува за тоа, но не прави ништо.
„Синдромот Кока-кола“ се шири кон Романија, додека земјата спие и не сака да знае дека околу неа просторот лека-полека се претвора во еден натечен појас обоен со боите на руското знаме: на север Украина е разнебитена од незавршениот конфликт, на исток Молдавија се претвора во една распродадена држава, на запад Унгарија му останува верна на Путин, на југ Србија ги зајакнува врските со Русија, а Бугарија одамна е неодлучна.