Државната Дума во Русија значително го ограничи правото на протести против раководството во земјата и рускиот претседател Владимир Путин.
Парламентот, во кој доминира владејачката партија „Обединета Русија“, донесе измена на постоечкиот закон за јавни собири, со кој се предвидуваат големи ограничувања преку високи парични казни.
За заострувањето на одредбите за протести гласаа 241 од 450 пратеници. Опозицијата со часови го одложуваше гласањето преку предлагање стотици амандмани. Законот уште денеска се очекува да добие поддршка во Советот на федерацијата и потоа да биде потпишан од претседателот Владимир Путин.
Опозицијата го критикува новиот закон како неповратен чекор кон полициска држава. Активистите за човекови права предупредуваат дека законот води кон укинување на слободата на мислење.