Појава на магла со видливост од 150 до 200 метри има на патните правци Катланово – Велес и Неготино – Демир Капија, инфомира Автомотосојузот во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Сообраќајот на сите државни патишта се одвива непречено по претежно суви коловози на пониските места и наместа влажни коловози на повисоките планински и осојничави места.
АМСМ за утре во периодот од 12:30 до 14:30 часот најавува 15 минутен прекин на сообраќајот на патот Кичево – Охрид, на потегот Пресека – село Врбјани, каде ќе се изведуваат работи на пат со минирање.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони. Од 15-ти ноември стапи во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2016 година.