Дојче веле – Берлин
По скандалот во „Фолксваген“ околу нивните дизел возила, можеби можеше да се очекува целата германска автомобилска индустрија да размислува на друг начин. Но, тоа не се случи.
Оваа година можеше да биде добра за германските производители на автомобили. Здружението на автомобилската индустрија на крајот на годината може да се пофали дека германските производители во 2015 година произвеле над 15 милиони автомобили, од кои 5,7 милиони во погоните во Германија.
До септември прометот пораснал за 11 отсто и достигна 300 милијарди евра. Само Германците купиле четири отсто повеќе автомобили и до крајот на годината прв пат треба да бидат пуштени во сообраќај 3,17 милиони нови возила. Тоа се одрази и на бројот на вработените во тој сектор кој надмина 800.000.
Оваа година може да биде одлична за производителите и покрај тоа што прогнозите за идната 2016 година не се толку добри. Така претседателот на Здружението на германските производители на автомобилската индустрија Матијас Висман предупреди дека пазарот е заситен, конкуренцијата се пожестока, а политичката состојба тензична.
Сепак и следната година се очекува да бидат произведени уште повеќе нови автомобили за околу два отсто и дека над 78 милиони автомобили ќе се најдат на пазарот.
Последиците од скандалот со дизелот
Германската автомобилска индустрија затоа помалку ја мачат годишните биланси отколку манипулирањето со резултатите од анализата на издувните гасови какви што спроведе „Фолксваген“. За тоа веќе се зборува како за „Дизелгејт“, алузија на скандалот „Витергејт“, кој го сруши американскиот претседател Никсон и тука не е само проблемот од нарушениот углед на „Фолксваген“ признава Висман.
– Оваа злоупотреба доведе до губење на довербата и кон тој концерн, кон целиот автомобилски сектор, а на крај и кон цела технологија за дизел мотори, вели Висман.
Тој се труди да го ограничи скандалот само на концернот „Фолксваген“ тврди дека според доверливи податоци, а имаше и време да се проверат, такви работи немало кај другите производители. Поради тоа и одбива некаква колективна вина на сите производители на дизел возилата, а факт е и дека купувачите и натаму сакаат да купуваат такви возила и дека речиси половина нови автомобили во Германија трошат дизел.
Додуша, конечен суд за однесувањето на купувачите во Европа сака да даде кога ќе помине годината, но Висман предупредува и дека и по барањата за заштита на климата едвај можеме да се откажеме од дизел возилата, бидејќи трошат околу петина помалку гориво, а нивната емисија на сулфур диоксид е за околу 10 отсто помала.
Претседателот на Здружението на германските производители на автомобили Матијас Висман потсетува дека, кога сите дизелаши би биле бензинци просечната емисија на јаглерод диоксид на новите автомобили никако не би била како што е сега, под 130 грама на километар. Покрај тоа, германските производители добро заработуваат на дизел возилата.
И во западна Европа секој втор нов автомобил е дизел, а секој втор нов дизелаш е произведен во германските концерни. Во меѓувреме дури и производителот на спортските автомобили „Порше“ 39 отсто од своите нови автомобили ги испорачува со дизел мотори.
Сепак, експертот за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхофер од Универзитетот во Дуизбург во Есен, смета дека среќните денови на производителите на дизел автомобили се приближуваат кон крајот. Причина за тоа се се поострите европски прописи за заштита на околината, а и поинаквото мерење на вредноста на со цел да се спречат манипулации.
Но, тоа ќе ги погоди и сите други производители бидејќи и нивните вредности многу повеќе отстапуваат од пропишаните, од дозволеното, дури и според стандардот Еуро 6.
Уште колку долго дизелот ќе се исплати?
Се на се, производителите на дизел возила следните години ќе мора да вложат големи средства во развој на такви мотори и тоа ќе се одрази и на нивната цена.
И претседателот на управата на Бе-Ем-Ве, Харалд Кругер најави дека „во иднина ќе дојде момент‟ кога развојот на дизели веќе нема да се исплати бидејќи автомобилите би биле премногу скапи. Затоа Бе-Ем-Ве се повеќе се ориентира на електрични автомобили и наскоро ќе понуди уште повеќе модели на возила на електричен погон.
Во сегментот на електрични возила во изминатиот период германските производители можеби беа троми, но претседателот на здружението на производители Висман тврди дека далеку се понапред и дека и тука го освојуваат приматот на пазарот.
На најголемите пазари на електрични автомобили во Европа, во Холандија и Норвешка, германските производители се на прво место со 59, односно 55 отсто удел на пазарот, а и на домашниот пазар убедливо водат. На најголемиот американски пазар на електрични автомобили уделот го зголемиле од осум на дури 20 отсто.
Но, германските производители за да дојдат на прво место, треба и германските купувачи во Германија да бидат мотивирани да купуваат такви автомобили. А таков поттик, се жали претседателот на здружението на германските производители на автомобили, политичарите во Берлин се уште го одбиваат.
Одредени стимулации во Германија постојат, но тоа се уште е недоволно за да се исплати купувањето на толку скапо возило. А без домашниот пазар, се жали Висман, „се уште ниту една земја не станала водечка на светскиот пазар‟.