Европскиот парламент и Европската унија нема да прифатат донесување медиумски закон во Република Македонија што ќе донесе цензура и затворање на медиуми.
Ова е пораката што од европскиот законодавен дом, денеска во изјава за МИА ја пренесе европратеникот од Словачка, Бранислав Шкрипек, за, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, предлозите на опозициската СДСМ за нивна контрола врз Агенцијата за медиуми и на другите медиумски организации во земјата во рамки на преговорите за подобрување на медиумската состојба, што предизвика згрозеност во Европарламентот.
Словачкиот европратеник Шкрипек, вели дека е недозволиво за пост-комунистичка земја како Република Македонија, токму на инсистирање на партијата-наследник на поранешната Комунистичка партија, повторно да се воведува цензура и едноумие во медиумскито простор.
– Нам како Европски парламент ни е потребен медиумски закон во Македонија што ќе биде според стандардите на ЕУ и кој ќе гарантира слобода. Јас доаѓам од пост-комунистичка земја и нема шанси ние повторно да прифатиме било-какви закони што ќе донесат цензура или затворање на некоја телевизиско-медиумска станица или радио-станица. Нам ни треба медиумски закон што ќе гарантира слобода на изразување, слобода на мислење и слобода на уште многу други работи што можам да ги набројувам, дециден е Шкрипек.
Пратеникот од редовите на конзервативците и реформистите во Европскиот парламент, вели дека никој во законодавниот дом на Европската унија не може да ја разбере идејата и намерата на партијата-наследник на комунистите во Македонија, освен како враќање во грдото и црно минато на комунистичката ера.
– Нам ни треба слобода и ова е начинот на кој треба да живееме и да нема воведување на диктаторство во нашите земји, порачува европратеникот Шкрипек.
Овие пораки на згрозеност за предлогот на СДСМ за менување на медиумскиот закон во државата и партиска контрола на Агенцијата за меидуми и на Македонската радио-телевизија, европратениците ќе му ги пренесат на Зоран Заев веќе утре, кога во Скопје ќе допатува делегација на пратеници од Европарламентот, предводени од Словенецот Алојз Петерле, за да одржат Мешан парламентарен комитет со своите колеги од македонското Собрание.