Тројцата сопственици и управители на ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт – Пол Ганча, Ѓорѓе Анастасеску и Костин Минку, утринава биле одведени на распит во Главното обвинителство за предметот во кој се обвинети за убиство и предизвикување телесни повреди од невнимателност, пренесе агенцијата Аџерпрес.
Тројцата сопственици на клубот, во кој на 30 октомври избувна пожар, од 3 ноември се во притвор.
Во пожарот во клубот на лице место загинаа 26 лица, а уште едно лице почина на пат за болница. Околу 200 лица се здобија со изгореници и беа примени во различни болници. Оттогаш бројот на жртвите постојано се зголемува и во неделата достигна 60 лица. Дел од настраданите беа испратени на лекување во странство.
Во моментов 39 лица се уште се низ болниците во Букурешт, а 10 од нив се во критична или тешка состојба, пренесе Аџерпрес, повикувајќи се на податоци на Министерството за здравство.
Обвинителството тврди дека до пожарот во ноќниот клуб дошло бидејќи управителите на објектот поттикнувале и им дозволиле пристап на многу поголем број посетители од максимално дозволените, при услови кога објектот не располагал со неколку излези за итна евакуација Освен тоа, управителите одобриле да се изведува пиротехничко шоу во затворен простор, при услови кога ентериерот на салата бил недоволно добро опремен за вакви спектакли, бидејќи ѕидовите, таванот и сводовите биле звучно изолирани со лесно запалливи материјали. Овие материјали биле поставени во спротивност со законските одредби и имале за цел заштеда на средства.
Сопствениците на клубот соработуваат со истражителите и досега ги доставиле сите побарани документи. Тројцата обвинети се млади луѓе, немаат судско минато и жалат за инцидентот, во кој загинаа многу луѓе, вклучувајќи и нивни пријатели, познаници и вработени, забележа судијата.