Пратениците во романскиот Парламент денеска го одобрија именувањето на новата технократска Влада на чело со поранешниот еврокомесер за земјоделие, Дачијан Чолош, откако претходната влада падна по масовните протести предизвикани од големиот број жртви во пожарот во ноќниот клуб „Колектив“, јави Танјуг.
Номинацијата на Дачијан Чолош за премиер на Романија претставува директна критика на романските политичари, кои јавноста ги перципира како корумпирани, арогантни и неупатени во проблемите на обичните луѓе, оценуваат американските медиуми.
– Новата влада нема ниту една политичка цел поважна од поддршката и засилувањето на демократијата, рече Чолош, пред пратениците да го прифатат неговиот кабинет со 389 гласа „за“ и 115 „против“.
Чолош својот кабинет го именуваше во неделата, но потоа ја повлече кандидатурата на министерот за здравство, еден 28-годишен хирург, откако на Интернет се појавиле негови фотографии како позира во долна облека.
Покрај тоа, Чолош се откажа од именувањето на новата министерка за правда, инаку демократски активист, бидејќи нема завршен правен факултет.
Претходниот романски премиер, Виктор Понта, поднесе оставка по масовните протести по пожарот во ноќниот клуб во центарот на Букурешт, во кој погинаа 55 лица.