Терористичките напади што се случија во Париз не треба да се поврзуваат со прашањето за бегалците, зошто ние и така се соочуваме со навистина сериозен говор на омраза па и инциденти од омраза кон сите оние кои им помагаат на бегалците, апелираше директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска на „Маршот на толеранцијата“.
Таа кажа дека не станува збор за настани кои треба да ја зголемат ксенофобијата.
-Напротив, многу луѓе умираа и во Сирија, бегалците бегаат токму до тоа, бегалците бегаат да ги спасат своите животи и на своите најблиски. Она што се случи во Париз е грозоморно но уште еднаш треба да биде потсетување до што може да доведе омразата. Денешниот марш е апел за почитување на правото на живот, кога велиме дека треба да се почитува животот на бегалците, ние тоа го повикуваме за сите жители на земјината топка.
Апелирам да не се подлегнува на сториите кои се шират и говорот на омраза кои го шират познатите ликови во Македонија за подигнување живи ѕидови, за спречување на бегалците да влезат. Доколку подлегнеме на таквите ниски страсти и тоа вчера што се случи го поврзуваме со бегалците, ксенофобијата ќе се зголеми, со тоа и говорот на омраза и можните инциденти.
Бегалците транзитираат низ Македонија, тие не остануваат ниту пак имаат таква намера да останат во Македонија. Храната, облеката и сето што им се обезбедува на бегалците е од страна на НВО и хуманитарнитеорганизации, рече Пировска.