Во текот на вчерашниот ден до Хелсиншкиот комитет биле доставени пријави со наводи за закани врз средношколците кои учествуваа на вчерашниот протестен марш против лошите реформи во образованието. Наводите беа доставени од страна на средношколци, но и родители. Особено загрижувачки се наводите за затворање на учениците во училиштата од страна на службени лица, преку затворање на училниците и вратите од средните училишта, известуваат од организацијата која се бори за човековите права.
„Хелсиншкиот комитет потсетува дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест. Впрочем, Уставот на РМ го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Во Конвенцијата за правата на децата, која Република Македонија ја има ратификувано и претставува дел од нашата правна рамка, ова право им се гарантира на децата во член 15 каде е наведено дека државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање и во однос на остварувањето на ова право не може да се наметнуваат никакви ограничувања освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите“, се вели во соопштението од Хелсиншки.
Од организацијата порачуваат дека загрижува што владините курири се нафрлија врз средношколците обвинувајќи ги дека се платеници.
„Особено загрижува и фактот што одредени медиуми известија дека средношколците добивале паричен надомест за учество на протестот, поради што денеска осамнаа графити пред две средни училишта со ваква содржина. Со ова се повредува честа и угледот на децата кои сакаат да го изразат незадовоството од образовните реформи.
Поради тоа што со дејствијата на службените лица во училиштата на одредени средни училишта се врши директно лишување од слобода и смеќавање на правото на јавен собир, а од одредени медиуми се повредува честа и угледот на децата, но и на Средношколскиот пленум, сакаме да истакнеме дека Хелсиншкиот комитет го задржува правото да обезбеди правна помош на сите лица на кои ќе им бидат повредени и ограничени правата поради учеството во средношколските протести и кои сакаат да иницираат соодветни постапки за заштита на своите права“, порачува Хелсиншки.