Македонската амбасадорка во Загреб, Даниела Караѓаозоска е непожелна во зградата во елитната населба во Загреб, Видиковац. Соседите веќе подолго време имаат замерки на нејзиното однесување, посебно што имала навика да го пере службеното возило на паркингот пред зградата.
Утринава повторно се переше службениот автомобил, со кофа со сапуница и правосмукалка се чисти возилото. Соседите се револтирани зашто ова е редовна пракса, од која амбасадорката и покрај укажувањето не сака да се откаже.
-Таа им оди на нерви на сите во зградата. Со никого не се поздравува. Наместо во сервис за перење автомобили, го тера возачот да ја пере колата пред зградата. Прво ја чисти со правосмукалка, потоа со сапуница, и на крај ја плакне. Иако е укажано, таа продолжува со нејзиниот стил на живот. Ако треба ние ќе и собереме пари нека го носи автомобилот на сервис, ова веќе е недозволиво однесување од еден амбасадор, велат тие.
Амбасадорката по стапувањето на функцијата често е во медиумите со критики за нејзиното однесување. Тоа се случи откако ги искритикува некои хрватски медиуми, а потоа беше на удар со поддршката за Гордана Јанкуловска кога даде оставка на функцијата, по што реагираше Синдикатот на македонската дипломатска служба.
Од таму реагираа дека амбасадорката Караѓозоска, на својот фејсбук профил, а каде што е дефинирано нејзиното својство, истапила со огромно жалење за оставката на Гордана Јанкуловска, и со тоа го прекршила член 3/1-а од Виенската конвенција.
Од синдикатот рекоа Караѓозоска да пратела и-мејл или друг затворен облик на комуникација до нејзината другарка и партиска соборка и да го кажела истото, тогаш би се работело за приватна работа.
Караѓозоска беше обвинета и дека службеното возило го украсила за роденденот на нејзината ќерка, но таа го негираше тоа, иако подоцна ги отстрани фотографиите од нејзиниот ФеЈсбук профил со украсеното возило.