Романија не успеа да ги интегрира Ромите, но се обврзува да интегрира муслимани, изјави поранешниот романски претседател Трајан Басеску за телевизијата Бе1 во врска со скандалот со мигрантите, пренесува весникот „Журналул национал“.
Поранешниот претседател истакна дека културниот белег на овие луѓе е многу силен, за да можат да се прилагодат во Романија.
Трајан Басеску истакна дека Романија ризикува многу од гледна точка на безбедноста со прифаќањето на бегалци.
– Овој бран бегалци претставува ризик. Не се сите терористи, но меѓу нив има и терористи. И кој верува дека може да интегрира муслимани, кои живеат во средина како во арапските држави, се лаже. Ние не успеавме да ги интегрираме Ромите, да бидеме искрени, а сега ќе интегрираме илјадници луѓе, што имаат различна вера од нас. Тешко е. Подобро да бидам обвинет за ксенофобија, отколку за глупост, изјави Трајан Басеску.
ЕК предложи Романија да прифати 4.646 имигранти, бројка што се додава на веќе предложените во месец мај 1.705 лица.
Претседателот Клаус Јоханис и премиерот Виктор Понта изјавија дека Романија не може да прими повеќе имигранти од капацитетот од 1.785 места.
Денеска Врховниот совет за национална одбрана ќе разговара за акциите, што ќе ги преземе Букурешт во врска со бегалската криза во Европа.