Граничната полиција евидентираше четири случаи на оштетување возила на македонски државјани кои летувале во Република Грција, пријавени на граничниот премин „Богородица“ во периодот од 28.08. до 08.09.2015 година.
МВР денеска соопшти дека се оштетени четири возила односно патничко моторно возило „Chevrolet“ со скопски регистарски ознаки, управувано од лицето З.И. во местото Ксарти, на кој со црн и црвен спреј му била обоена шофершајбната и двете регистарски таблички. Потоа возило „Ford“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од лицето Д.С. во местото Паралија, со црн спреј му биле испрскани регистарските таблици во делот на ознаката МК како и дел од предниот и задниот браник покрај таблиците при што е прекриена ознаката МК, „Citroen C4“ со охридски регистарски ознаки, управувано од лицето Г.С. во местото Калитеа, со остар предмет му биле изгребани двете страни од преден до заден фар и бил оштетен знакот МК на задната странаи возило „VW Passat“ со кочански регистарски ознаки, управувано од З.З. во местото Ставрос, на хаубата со остар предмет му било изгравирано „МК=GR“.Освен оштетувањето на патничкото моторно возило „Citroen C4“ во Калитеа, се наведува во соопштението, останатите случаи не биле пријавени во грчката полиција.
Со овие четири нови случаи, билансот на оштетени возила на македонски државјани кои летувале во Грција, стои во соопштението од МВР, се искачи на 10, а евидентиран е и еден случај на кражба на регистарски ознаки.