Полска минатата година одбележала најголем напредок во извршувањето на реформи поволни за бизнисот, но Сингапур се уште го држи првото место во светот за лесно правење бизнис, се наведува во извештајот „Doing Business“ на Светската банка, објавен вчера.
Полска е на прво место по поволни промени за бизнисот, извршени во Источна Европа и Централна Азија. Во целина 88 отсто од земјите во тој регион ги подобриле бизнис регулативите во изминатата година. Полска, најголемата источноевропска економија, го олеснила регистрирањето на сопственост, плаќањето даноци, исполнувањето на договори и решавањето на проблеми поврзани со неплатежната способност. На тој начин Полска станала земја со најмногу подобрувања од 185 држави, вклучени во извештајот.
Сингапур го зачувува првото место седма година по ред во рангирањето за правење бизнис, по кој следат Хонгконг, Нов Зеланд, САД и Данска.
Грузија и Австралија исто така влегуваат во првата десетка, котирајќи пред Исланд и Ирска.
Полска сега е на 55-то место, додека минатата година била на 62-ро место.
При изготвувањето на извештајот се земаат предвид регулативи, кои ја засегаат една компанија во текот на нејзиното постоење – од тоа дали лесно се започнува нов бизнис до тоа колку време е неопходно за пополнување даночна декларација или за регистрирање на сопственост.