Врачена државната награда „23 Октомври“

Од:

На ликовниот уметник, професор Владимир Георгиевски и на писателот од Скопје Халил Зендели денеска во Музејот на македонската борба за државност и самостојност им беше врачена државната награда „23 Октомври“ за 2012 година.

Наградата на добитниците им ја врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата, академик Владо Камбовски, кој рече дека таа е и поттик за научниците, уметниците и творците во сите подрачја на општествениот живот, валоризација на нивниот придонес кон иднината.

Честитајќи им ја наградата на добитниците, Камбовски им посака уште поголеми натамошни успеси и признанија за нивниот творечки придонес во развитокот на македонското општество.

– Историскиот настан што го симболизира денешниот празник ја помина проверката на времето и со право го доби квалификативот на почеток на Македонската револуционерна борба, затоа што е потврден со последователните значајни датуми: 2 Август 1903 година, 11 Октомври 1941 година, 2 Август 1944 година и како круна на историското зреење – 8 Септември 1991 година, Денот на референдумот и историската одлука на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во Македонија за прогласување на самостојна, суверена и независна држава, рече Камбовски.

Ликовниот уметник, професор Владимир Георгиевски изразувајќи благодарност до Одборот за доделување на високото државно признание, наградата „23 Октомври“, рече дека тоа за него претставува силна обврска да создава и понатаму славејќи ја силата на духот што ја слави слободата како силна внатрешна озаконетост.

– Во годините што се зад мене и бројните изложби разбрав дека сликарот целиот свој живот слика само една слика. Во таа слика е севкупното негово постоење со сите знаци што го чинат неповторливо и длабоко автентично. И таму во тие космички предели и пространства ако само еден убав и жив спомен остане во нашето срце, тој некогаш може да ни послужи како спасение, додаде Георгиевски.

Професор Владимир Георгиевски како во земјата така и во странство ја афирмира македонската ликовна уметност за што сведочат и неговите бројни награди и признанија. Освен со сликарство се занимава и со склуптура, театарска, филмска и ТВ сценографија, како и со ликовно-литерарна есеистика.

Халил Зендели е познат писател на проза, драма, раскази и романи, како и новинар. Тој е одговорен уредник на Издавачката куќа „Ватра“. Неговите дела се преведени на македонски и на англиски јазик. Зендели е носител и на државната награда „Мајка Тереза“.

На доделувањето на државната награда присуствуваа заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, академици и претставници на повеќе држави институции.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот