Медиа Принт Македонија во чија сопственост се дневните весници „Утрински весник“, „Вест“, „Дневник“, „Теа Модерна“, „Телеграф“ и „Македонски спорт“ испратија реакција до медиумите кои известуваат за одлуката да им се намали платата на новинарите, меѓу другото и заради „економската криза во државата“.
„Во врска со денеска изнесените лаги од одредени “медиуми”, би сакале
истите да ги замолиме прво да станат медиуми со редакции, организациска структура, вработени луѓе и регуларни плати со платени придонеси и даноци, па да коментираат одлуки на менаџментот на најголемата медиумска компанија во Република Македонија.
За инфомација на јавноста, компанијата МПМ и Графички Центар Скопје има 550 редовно вработени луѓе и заштитувајќи го нивното работно место, како не би имало отпуштања, донесе времена одлука со траење од 6 месеци да ги намали скалесто платите за 10% – 20% -30% само на стотина вработени кои ја чинат компанијата од 20 000 мкд до 500 000 мкд месечно по вработен, а на останатите вработени кои ја чинат компанијата до 20 000 мкд им ги задржа истите плати. Сето ова е направено согласно позитивните законси прописи во Република Македонија и не е прекршен ниту еден закон.
Ја разбираме нервозата на еден уредник кој компанијата ја чини 300 000 денари месечно (со наследен договор од WAZ) и на кој пред само еден месец му беше понудено доколку не сака да ги спроведе мерките на компанијата, истата да си ја откупи назад од сопствениците по истата цена којашто му беше платена пред 3 години.
Затоа со ова сакаме да ги информираме сите вработени, да не подлегнуваат на лажни душегрижници за нивните работни места и совесно и чесно да си ја вршат работата како што си ја вршеа до сега.
И на крај да разјасниме, економската ситуација во државата никогаш не била проблем за МПМ затоа што ние како најголема медиумска куќа функционираме и работиме според светските деловни стандарди.
Проблемот е што печатените медиуми не се заштитени со ниту еден закон од крадците на нашите вести, колумни и фотографии кои ние скапо ги плаќаме на светските новински агенции, уредниците и на колумнистите.
Порталите кои сакаат да бидат „медиуми” а едноставно се ситни крадци на вести и фотографии немаме начин како да ги тужиме. Тие се заштитени со новиот Законот за медиуми кој го донесе Собранието на РМ минатата година. Се’ додека постојат вакви „медиуми” никогаш како држава нема да имаме вистинско новинарство.
Светскиот тренд на намалувањето на популарноста на печатените медиуми не ја заобиколи ни Македонија. Исто така со намалувањето на тиражите се намалува и интересот на маркетиншките куќи, и затоа е нормална реакцијата на менаџментот да проба да ги скрати трошоците за компанијата да нема отпуштање на своите лојални вработени.
И на крај, доколку не сакаме да останеме држава без печатени медиуми би требало посериозно да се размисли како истите да бидат заштитени во македонските закони“, стои во реакцијата од менаџментот на МПМ.