БиХ не би преживеала распакување на Дејтон

Од:

Независне новине – Бања Лука

Многумина често инсистираат на тезата дека граѓанската војна во БиХ е спречена со потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Она што најчесто пропуштаат да го истакнат е фактот дека мирот е склучен откако е постигнат договор за политичко решение во БиХ, т.е. кога со Анекс 6 од Договорот е воспоставен Уставот на БиХ. токму тој политички договор, поддржан од страна на големите сили, пред се САД, овозможи оружјето во БиХ да замолче. Важно е да се забележи дека БиХ по потпишаниот договор во Дејтон, не беше истата БиХ која во 1992 година беше меѓународно призната и која беше примена во членство во ОН. Тоа беше нова државна заедница со целосно изменета внатрешна структура.

Денешната БиХ е составена во Дејтон пред 20 години. Република Српска, која е основана во јануари 1992 година, во БиХ три години подоцна внесе свој субјективитет и суверенитет. Одрекувајќи се од дел од својот суверенитет во име на мирот, Република Српска придонесе за конечно потпишување на договорот.

Таа 1995 година договорот беше еднакво прифатлив за сите. На Србите, кои мораа да се откажат од идејата за заеднички живот во тогаш веќе непостоечката Југославија, на Хрватите што останаа надвор од границите на Хрватска, на Босанците што останаа без унитарна држава за која се бореа.

20 години подоцна целосно е јасно дека Дејтонскиот мировен договор всушност бил единствена мерка за можен живот на тие три народи и дека тоа авторите на договорот многу добро го знаеле. Затоа го делам мислењето со сите кои велат дека Дејтонскиот мировен договор е еден од најдобрите договори во поновата светска историја.

Потписот кој на 21 ноември во 1995 година во НАТО базата е ставен на текстот на договорот, всушност беше само финиширање на подготовките кои Американците ги извршија во претходната година, кога во Вашингтон бил формализиран вториот дел на БиХ под името Муслиманско-хрватска федерација. Токму Вашингтонскиот договор докажува дека САД знаеле дека БиХ може да опстане само како високо децантрилизирана држава. Таа тоа и е во изворниот текст на договорот од Дејтон, со само три заеднички надлежности, три министерства во Советот на министри, кои според Уставот се само помошен орган на Претседателството. Дека во 1995 година во Дејтон се инсистирало на БиХ која ја имаме денес, а која е резултат на бројни бесправни интервенции на високите претставници, се плашам дека војната би траела уште подолго. Треба ли да се напомене дека со договорот од Дејтон Република Српска имаше дури и своја војска?! Со договорот, на кој меѓу другите потпис стави и Република Српска, предвидени се околу 80 надлежности повеќе од што ги има Српска денес, 20 години потоа.
Со девастирање на договорот од страна на разни меѓународни претставници, полека се руши и способноста БиХ да остане целосна и функционална. Бидејќи договорот гарантираше целовитост на државата преку нејзина децентрализација и тоа само под услов да се спроведе така како што е напишан. Со откажување од изворниот Дејтон, меѓународната заедница оддалечуваше од БиХ реални можности да преживее, бидејќи таа е оспособена за живот со компромиси кои со тешка мака се постигнати пред 20 години.

Ако т.н. меѓународна заедница даде најголем придонес со политичкиот договор кој го донесе саканиот мир во БиХ и во првите години по војната одигра пресудна улога во спроведувањето на мир на теренот, тогаш би било коректно да се признае дека таа иста меѓународна заедница, преку своите претставници во БиХ, го рушеше она што претходно самата го градеше. И дека токму поради таквиот однос кон текстот на самиот договор БиХ денес се наоѓа во најдлабока криза од крајот на војната. За таа криза постои само едно решение: враќање на изворниот договор од Дејтон.

Откажувањето на тоа решение неминовно ќе води до распаѓање на земјата. Во време кога е потпишан Дејтонскиот мировен договор ниту една од трите етнички групи не беше задоволна со решението. 20 години потоа Србите и Хрватите чувствуваат незадоволство од ваквата состојба, па се наметнува како логичен заклучок дека договорот е девастиран за да се удоволи само на Босанците. БиХ во која два од трите конститутивни народи се незадоволни, тешко може да преживее.
Во поново време Дејтонскиот устав е на удар од т.н. бриселска администрација, која крупните политички промени во земјата се обидува да ги воведе под технички услови кои БиХ мора да ги исполни ако се движи кон европскиот пат. Со оглед на тоа дека Дејтонскиот мировен договор е меѓународен договор, кој според конвенцијата мора да се спроведува, официјален Брисел со помош на политичко Сараево, не говори за промена на договорот, но преку многу барања на т.н. европски пат, се обидува токму да го промени договорот на кој се темели земјата. За Република Српска ни тој пат, ни движењето по него, нема да значи ништо, ако во текот на патувањето се изгуби самостојноста, која е загарантирана со Дејтонскиот мировен договор.

За распакување на договорот повеќе од расположени се токму Босанците, кои во европските интеграции гледаат шанса за внатрешна интеграција, или поточно централизација на земјата, која 20 години егзистира на инфузија на меѓународната заедница. Меѓутоа, се чини дека политичките претставници на Босанците не сватиле дека со рушење на договорот на терен би имале само територијални единици од кои БиХ е составена во 1995 година: РС и Ф БиХ и дека со распакувањето на Дејтон не би преживеала само БиХ. Затоа почитувањето на изворниот текст, буквите, а не духот на Дејтонскиот мировен договор, е единствена шанса за БиХ. САД тоа го знаеле уште пред 20 години и не гледам ниедна причина зошто токму тие би се откажале од својата нај успешна надворешнополитичка акција од крајот на минатиот век, а договорот од Дејтон тоа секако е.

(Авторот е претседател на Република Српска, Милорад Додик)

Би можело да ве интересира

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски

Додик има план за мирна разделба во БиХ

Босна и Херцеговина ги укинува визите за илегалните мигранти кои доаѓаат под маската на странски работници