Иран на вратите на светскиот бизнис

Од:

Политика – Белград

Иран се избори за враќање на голема врата во светското семејство. По долготрајните и исклучително тешки преговори Техеран успеа со западните сили да ги реши проблемите и дилемите кои ги предизвика неговата нуклеарна програма.

Резултат: иранските отстапки се наградени со укинување на меѓународните санкции. И тоа беше знак за почеток на голема трка за освојување на големиот ирански пазар. Турканицата е голема: Германија, Франција, Италија, Русија, Кина… – сите бараат што попрофитабилно место под иранското економско сонце. Можностите се големи, бизнисот се мери со десетици милијарди долари. На Иран е отворена капија на светскиот бизнис.

– Денес отвораме ново поглавје свртено кон растот и развојот… ова е ден кога младите можат повторно да размислуваат за подобра иднина, вака иранскиот претседател Хасан Рохани коментираше на 14 јули на Твитер, за потпишувањето на историскиот договор (според оценката на Бан Ки Мун, генерален секретар на ОН) меѓу Техеран и шест сили во Виена за ограничување на нуклеарната програма на државата со најголеми збирни резерви на нафта и гас во светот и постепено укинување на еден од најкомплексните системи на санкции некогаш заведен во историјата.

Најсилната европска економија Германија, брзо реагираше на наводите на Рохани за можно ново поглавје на економскиот развој на државата со 80 милиони жители, на која само за развој на патната и железничката инфарстуктура во следните пет години ќе и требаат над 55 милијарди долари.

Не зачудува брзиот рефлекс на Берлин, на крај на краиштата, германската „Сименс“ во 20-те години од минатиот век во денешен Иран, а тогашна Персија, учествувал во изградба на првата пруга. Многу подоцна, пред иранската револуција во 1979 година, Германија со САД беа водечки деловни партнери на режимот на шахот Реза Пахлави (тогаш околу 50.000 Американци живееле во Иран).

Вооружен со таа деловна предисторија, Зигмар Габриел, германскиот вицеканцелар и министер за економија, на 19 јули на денот пред изјаснувањето во Советот за безбедност на ОН за договорот постигнат во Виена, стигна во Техеран со делегација на бизнисмени и научници.

По потпишувањето на договорот во Виена, германската индустрија е заинтересирана за нормализација и јакнење на економските врски со Иран, ја пренесе тогаш Дојче веле неговата изјава.

Следниот ден Советот за безбедност на ОН едногласно ја усвои Резолуцијата 2231, за поддршка на договорот со Иран и повеќекратно условениот прекин на атомските санкции на Техеран.

Зад тоа, ЕУ како иницијатор на меѓународните преговори со Техеран за нуклеарната програма пред 12 години, појде во масовен и деловен десант на втората најсилна економија на Средниот исток, зад Саудиска Арабија, во која 65 отсто од населението е помладо од 35 години.

Прво Федерика Могерини, шефица на дипломатијата на ЕУ, па францускиот министер за надворешни работи Лоран Фабиус и неговиот италијански колега Паоло Џентолини… се изредија во Техеран со поздрави и деловни понуди на потенцијалниот партнер на кого за модернизација на нафтениот сектор во следните пет години ќе му требаат најмалку 180 милијарди долари странски инвестиции, за истовремена обнова на цивилната флота 7,5 милијарди долари, а за развој на рударството до 2025 година над 20 милијарди долари свежи пари.

Жедта за нов капитал на иранската автомобилска индустрија (најголем производител на возила во Средниот Исток), старите навики (увозот на цигари, во добар дел преку шверцерски канали, тежок околу 11 милијарди долари), козметичките препарати потреби на 40 милиони Иранки (втор најголем пазар на козметика во Среден исток), просторот за инвестиции во дигиталната технологија, производството на храна, погоните за обновлива енергија од ветерот, туризмот… денес личат на единствена прилика за нов бизнис на стопански падната и енергетски зависна Европа.

– Потенцијалниот излез на Иран од изолација може да биде најзначајно отварање на една економија од падот на Советскиот Сојуз и подобрување на односите меѓу САД и Кина, пренесе лондонски „Фајненшел тајмс“.

Преголемиот пазар за лесно игнорирање, Иран (18 држава во свет по паритетот на куповната моќ на населението) овие денови е сведок за наезда на нови силни странци од оваа страна на Атлантикот.

– Се уште не се исушило мастилото на Виенскиот договор, а европските лидери и бизнисмени побрзаа да ја обноват трговијата со Иран, опишувајќи ја како поход на елдорадо… можеби е најважно дека САД буквално се единствен економски играч кој тука недостасува…, зајадливо забележува „Њујорк тајмс“.

И навистина, останатите: од турските градежници, руските трговци со оружје, пакистанските текстилци, кинеските купувачи на нафта… веќе со години, наспроти санкциите, се во многу жив бизнис со Иран.

Кинеско-иранската трговска размена на пример во 2014 година достигна вредност од 44 милијарди долари (четири пати повеќе од 2005 година) и претставува речиси една третина од вкупниот надворешнотрговски промет во Техеран. Во меѓувреме, Иран оваа пролет стана еден од основачите на новата Азиска банка за инвестиции во инфраструктурата, можен кредитен ривал на Светска банка и ММФ.

Единствениот играч кој недостасува американскиот бизнис, инаку во одлични односи со Техеран до иранската револуција во 1979 година, денес е во неизвесна политичка чекална за исчекор на иранскиот пазар. САД по 14 јули задржаа на сила подолга низа издвоени санкции кон Иран.

Американскиот политички естаблишмент по деловниот јуриш на Европејците предупредува дека нуклеарните санкции кон Иран се уште не се укинати и дека воопшто е неизвесно како Виенскиот договор со Техеран ќе помине на гласање во Конгресот идниот месец. Адвокатите на Волстрит додаваат дека не е сосема јасно која би можело да биде правната и финансиската судбина на постоечките странски инвестиции во Иран, ако Техеран не го испочитува виенскиот договор.

Главно единствени со Вашингтон во долгите години на мачни преговори со Техеран за нуклеарната програма, Европјците во случајот со Иран, приматот на дипломатската кохезија ова лето изгледа го заменија со логиката на можен профит на теренот, кој веќе знае што нуди конкуренцијата…

Би можело да ве интересира

Иран го предупреди Израел: Ќе ви одговориме уште посилно, ставете не во искушение

Нетанјаху го нарече срамотен повикот на Макрон за ембарго за оружје на Израел

ВИДЕО: Се појави снимка како Иран го подготвувал нападот против Израел

Предраг Петровиќ

Израел конечно призна: Иран ги уништи нашите бази

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Објавена снимката од ликвидацијата на лидерот на Хезболах во Бејрут

Израел не се откажал од ракетирање на иранските нуклеарни постројки