Здружението „Транспаренси Интернешнел – Македонија (Транспарентност-Нулта Корупција)“ најавува тужба за клевета против главниот и одговорен уредник на дневниот весник „Вечер“, Ивона Талевска, за изнесените тврдења во колумната на новинарката објавена на 3-ти август под наслов „Ова се соросоидите од подземјето кои бараат власт без избори“.
Здружението ги негира тврдењата дека се финансира преку Фондацијата „Отворено Општество Македонија“ и дека работи во корист на опозицијата, а спротивно на интересите на државата.
ТИ- М бара извинување за клеветите и јавно повлекување на објавениот текст. Освен ова здружение, во написот се нападнати бројни други активни невладини организации, како и интелектуалци, новинари и колумнисти, сите од нив критички настроени кон власта.
„Ги демантираме наводите дека Транспаренси Интернешнел Македонија е дел од каква било група на невладини организации која „наутро се претставува како НВО, а навечер и ноќе работи како казнена експедиција на политичката партија СДСМ“. Ги демантираме и сите останати наводи кои укажуваат на тоа дека дека ТИ-М учествувала во каква било пропаганда поврзана со „продажбата на македонското знаме и име“, дека учествувала во „поттикнување на немири и обид за уништување на ДПА на Арбен Џафери“, дека учествувала во медиумски пропаганди за поставување на позиции на политички функционери и другите слични невистини. Напоменуваме дека ТИ-М не ни постоела во времето на случување на настаните кои се опишани во текстот, па дури и навистина да се случиле, ТИ-М немал можност да учествува во нив“, стои во демантот.
Претседател на здружението е Слаѓана Тасева, која во минатото ја вршеше функцијата претседател на Комисијата за спречување на корупција.