Премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев денеска на Техничкиот факултет во Битола промовираа две лаборатории за сообраќај и транспорт и за странски јазици, а во средното медицинско училиште „Др. Јован Калаузи“ ја пуштија во употреба новоизградената спортска училишна сала.
„Спортот и спортските возбудувања од секогаш биле тесно врзани за духот на целата нација. Со спортот се рекреираме, навиваме, тагуваме, со него и се радуваме. Она што е сугурно, е дека мораме да продолжиме да инвестираме во нови спортски терени се со цел сите наши граѓани, а посебно помладите да имаат вистинско место каде да го практикуваат спортот и каде да се изградат како вистински спортисти“, изјави Груевски.
Владата, додаде, во изминатите неколку години реализираше неколку крупни проекти како што се 35 големи спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 145 училишни спортски сали и 100 тениски терени, со што, како што рече, суштински је промени сликата на македонскиот спорт.
„Во битолскиот регион ја изградивме големата спортска сала „Павел Шатев“, изградивме две големи фудбалски игралишта, училишни спортски сали во средното економско училиште „Јане Сандански“ и средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, а денеска ја пуштаме во употреба и новата современа спортска сала во средното медицинско училиште која располага со сите потребни реквизити и простории за одвивање на часовите по физичко воспитување. Нема повеќе импровизации, нема повеќе часови по физичко воспитување во други училишта или на отворено“, нагласи Груевски и најави продолжување на инвестициите и во други полиња што се од интерес на Битола.
Новата училишна спортска сала во општинското средно медицинско училиште „Др. Јован Калаузи“ во Битола е на површина од 1.300 квадратни метри и трибини за 400 гледачи.
Министерот Кралев информира дека за изградба на спортската сала се вложени 40 милиони денари, средства обезбедени од банката за развој при Советот на Европа и Буџетот на Република Македонија, како и со помош на општина Битола.
– Проектот на Владата за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали кој петта година по ред со успех го спроведува МОН во Битола предвидува изградба на уште шест спортски сали во основните училишта, како и реконструкција во три основни и едно средно училиште. Во битолскиот регион планирана е реконструкција и на основното училиште во Горно Оризари, најави министерот Кралев.