Воздушните напади на Турција врз бази на групата Исламска држава (ИД) во северниот дел на Сирија се „прв чекор“ и акциите на Анкара врз членови на исламистички, курдски и илегални групи ќе продолжат, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Тој истакна дека овие групи треба да го предадат оружјето или „ќе сносат последици“.
Ердоган потврди дека Анкара се согласила да им дозволи на САД користење „во определени рамки“ на воздухопловната база Инџирлик во јужниот дел на Турција за воени операции против борци на ИД.
Турскиот претседател не соопшти детали за договорот, за кој претставници на САД и Турција изјавија дека бил постигнат во телефонски разговор оваа недела со американскиот претседател Барак Обама.