Македонија и Франција во контиунитет негуваат силни врски, а наши постојани цели се евроинтеграција на вашата земја, единство и просперитет на вашиот народ, истакна француската амбасадорка Лоренс Оер синоќа на приемот по повод Денот на Бастиља – националниот празник на Француската Република.
– Денес ги славиме врските кои се силни и постојани и кои ги негуваме веќе 22 години меѓу Франција и Република Македонија: во областа на економијата со претпријатија и инвестиции, во образованието со акредитацијата на француското меѓународно училиште во Скопје, со размената на лица преку основањето на мрежа од поранешни студенти, државната соработка и голем број проекти со граѓанското општество. Нашите постојани цели се европска интеграција на вашата земја, единство и просперитет на вашиот народ, рече амбасадорката Оер.
На свеченоста органзирана во дворот на Амбасадата присуствуваа престедателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, на Парламентот Трајко Вељаноски, вицепремиерот Владимир Пешевски, други министри, претставници на НВО секторот, на бизнис заедницата, дипломатскиот кор, верски лидери и други гости.
Таа особено го поздрави присуството на претседателот на парламентарната група за пријателство Франција – Македонија при француското Собрание, Филип Диран, кој со неговата посета, рече, дава поддршка во политичкиот дијалог.