Жителите на Крива Паланка синоќа имаа можност да се забавуваат и да уживаат во тричасовната програма која ја приредија дел од акробатите-учесници на годинашниот „Баскерфест“.
На плоштадот „ВМРО“ и дел од главната улица „Свети Јоаким Осоговски“ во центарот на Крива Паланка настапија 30-тина акробати и артисти од разни земји од светот.
– Трета година по ред Кривопаланчани ги забавуваа интернационални акробати, жонглери, музичари, магионичари со нивните неверојатни и единствени атракции под отворено небо. Оваа година нашата општина ја посетија најголем број учесници од овој фестивал од отворен тип, а Крива Паланка заедно со неколку други градови од земјава е дел од републичката организација на „Баскерфест 2015“, првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија, најголем настан од ваков тип во регионот, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Тој додаде дека „Баскерфест“ е само најава на богатата културна понуда за ова лето која ја приреди локалната самоуправа на Крива Паланка.
-Денешниот забавен перформанс на кој нашите граѓани одлично се забавуваа е увертира на богатата и разновидна културна понуда на „Кривопаланечко културно лето“, манифестација која ја организираме во соработка со Министерството за култура на Република Македонија и Националната установа Центар за култура-Крива Паланка со која и годинава ќе организираме бројни настани, рече Алексовски.
Манифестацијата „Кривопаланечко културно лето“ ќе биде отоврена на 10 јули со „Осоговска староградска вечер“ која ќе се одржи на плоштадот „Карпошово востание“.