Десетици граѓани денеска протестираа на улица „Питу Гули“ и го спречија рушењето на гаражите, а со тоа и уништувањето на илјадници квадратни метри од парк шумата. Нивниот револт, негодувањето и извиците ги осуети намерите на полицијата која дојде да им асистира на градежните инспектори.
– Со зеленилото си играат играчки, ова малку што го имаме треба да го сочуваме, а не да го уништуваме за нечии хирови. Пола веќе го уништија, другата половина треба да остане на градот, и онака веќе немаме никакво зеленило, само бетон и споменици.
Оваа влада како да е болна, како да пати од нешто. Какви зданија се тие што сака да ги прави? Какви ѕидини? Од кого ќе се крие, од народот? – прашува една граѓанка.
За да го заштитат зеленилото на Водно утринава се искачија скопјани од повеќе краеви на градот.
– Сметам дека воопшто не беше потребно да се гради од училиштето „Кочо Рацин“, да не се чепка Водно. Како што почнало ми се чини дека ќе се гради до врвот – рече Анастас Талевски од Бутел.
Маја Васева