„Убијци! Убијци!“ извикуваа граѓаните кои протестираа против рушење на гаражите за да се пробие пат до контроверзните плацеви на Водно, додека градежните инспектори поминуваа покрај нив во придружба на силно полициско обезбедување. Утринава граѓаните се искачија на Водно за да го сопрат рушењето на гаражите и со тоа да го заштитат зеленилото во парк-шумата кое ќе се уништи доколку се изгради патот.
Нивното присуство помогна за инспекторите да се откажат и да се повлечат заедно со полицијата.
На улицата „Питу Гули“ стоеше подготвена градежна механизација, а работниците чекаа наредба да се искачат на ридот.
Освен што треба да се срамнат со земја четири гаражи, од оваа улица во план е да се пробие пат до парцели со површина од околу 2.000 квадратни метри. Според официјалните информации овој имот им припаѓа на фирми и на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Една од „бомбите“, пак, кои ги објави СДСМ ги поврзува парцелите со премиерот, Никола Груевски.
Граѓаните не си заминуваа, туку нивниот број се зголемуваше, по што инспекцијата пристигна во присуство на десетина полициски службеници. Нивното доаѓање беше проследено со негодување и свиркање.
„Уа инспекција! Нели ви е срам! За Грујо работите! Мафија!“, извикуваа тие.
Инспекторите и полицијата се задржаа неколку минути пред гаражите каде разговараа, а протестот на граѓаните се засилуваше, по што се повлекоа и си заминаа.
Ова е втор пат градежните инспектори да се повлечат под притисокот на граѓаните. Минатата недела семејството кое ги поседува гаражите се шокирало кога рано наутро градежни работници неочекувано и без најава почнале да ги уништуваат објектите. Било интервенирано до градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, по што механизација се повлекла.
Откако и денеска ги спречија багерите, граѓаните велат дека нема да се изненадат доколку работниците и полицијата не се вратат деновиве после полноќ.
Маја Васева