Ал Џезира Балкан – Сараево
Од 4.600 села во Србија, 986 имаат помалку од 100 жители. Одењето на луѓето од село во град е тренд кој трае со децении.
Екипата на Ал Џезира посети семејство кое тргнало во обратен правец, го напуштиле градот и се преселиле на село.
Секој дел од имотот го уредиле сами. Ги напуштиле работните места во градот и со децата животот го продолжиле на село. Велат дека се среќни поради тоа.
– Да сум знаел, по една година кога видов како е да се живее на село, зажалив што тоа не го направив пред 20 години бидејќи можеби би бил уште поопуштен, понормален и веројатно помалку би се лекувал отколку во градот, условно кажано од таа некоја урбана приказна – вели Горан Милојевиќ, жител на селото Пајсијевиќ.
Без стрес
– Тука немаш стрес, тука немаш ништо. Децата растат сосема нормално, се дружиме со сите можни животни, од гуштери до змии. Живееме во допир со природата – додава Цеца Тешиќ Милојевиќ.
Малкумина се тие во Србија кои, како семејството Милојевиќ, градскиот живот го замениле со селски. Одгледуваат се што им треба, а едни се од ретките кои имаат дрво Павловнија, познато како Царско или Павлово дрво. Велат исклучително е квалитетно. По неколку години може да се користи како огревно дрво или во индустрија за мебел.
– Дрвото по втората година може да достигне висина и до четири метри. Семејството Милојевиќ оваа година одгледале над 4.000 дрвја. Ги продаваат главно на саеми, а цената за една садница е едно евро – јави репортерот на Ал Џезира, Зоран Косановиќ.
Богатство од животот на село
Со доаѓањето на село семејството Милојевиќ на свој начин го враќа долгот на природата.
– Јас толку многу дрвја произведов што сега дишеме, јас и вие на сметка на она што сам го посадив. Сигурно на природата се оддолживме за тој кислород што сме го потрошиле во животот. Сигурно, ако не и повеќе – вели Горан Милојевиќ.
– Тоа што ви донесува селото, тоа е немерливо. Нема со што да се измери. Тоа што јас ќе запалам оган, тоа е супер. Не зависам од тоа дали ќе ми го исклучат греењето или не. Значи, ништо не ми е проблем – додава Цеца Тешиќ Милојевиќ.
Сепак, во Србија е проблем што се помалку луѓе живеат на село, па така ресурсите и богатството на природата остануваат неискористени, а селата изумираат.
Проценки се дека околу 4.500 села во оваа земја, во речиси секое четврто се помалку од 100 жители.