Оние кои безусловно се фасцинирани од правичноста на западните општества и демократските вредности кои ги застапуваат, веројатно последниве месеци доста збунето гледаат како тој, морално безгрешен Запад, може да го прифати Груевски да биде во рамноправна позиција со Заев во преговорите кои се водат за идните избори. Наспроти првичниот оптимизам и еуфоријата дека со Груевски може да се разговара само за висината на затворската казна, која ќе мора да ја одлежи поради сѐ она што направил за време на неговиот мандат, а што систематски беше разголено со бомбите, сега дојдовме во парадоксална ситуација, со поддршка од Западот, џелатот да стане жртва, односно рамноправно да преговара и арогантно да порачува дека на следните избори уште потриумфално ќе ја поразел опозицијата.
Долго време некои критичари на власта објаснувањето како на Груевски му било дозволено да забега со своето криминогено владеење го аргументираа дека западните влади не биле доволно добро и точно информирани за она што се случувало во нашата држава. Значи, наспроти сиот персонал и техничка поддршка на нивните амбасади во Скопје, тие биле во дефицит од точни и проверени податоци. Здраворазумски ако се суди, тешко некој да поверува во ваквата оценка. Пореална е анализата дека на дипломатско-професионално ниво ЕУ и САД за цело време имале точни информации и анализи за она што нѝ се случувало, меѓутоа, клучно прашање е зошто тие информации кога се проследувале до нивните влади, на политичко ниво не биле соодветно третирани, односно не се превземале мерки против криминалот воден од највисоко ниво во државата. Или, зошто Груевски бил толериран кога првите негативни оценки и крајно критички коментари за неговото владеење беа оние нотирани уште во извештајот на Стејт Департментот од 2011 година? Значи, нивните дипломати и известувачи професионално си ја извршиле работата, но тоа не се ефектуирало и со конкретни мерки од страна на нивната влада.
Повторно во потреба да ги оправдаат западните влади, истите критичари на Груевски, даваат уште едно небулозно објаснување, овој пат дека ЕУ и САД за цело време знаеле што нѝ се случува, меѓутоа процениле дека безбедноста на државата била поважна од демократијата, па затоа свесно ја жртвувале. Уште една неубедлива оценка, ако се земе во предвид дека ние од 2002. до 2006. година, во многу потурбулентен период по завршување на конфликтот од 2001. год., имавме власт која успеа да ја поврати и зацврсти стабилност на државата, но и да обезбеди пристоен развој на демократијата и прогрес на евроатланската перспектива. Значи и оваа анализа не држи вода бидејќи стабилноста не ја исклучува демократијата.
Во низата од објаснувања, со кои се сака да се амнестира делот од меѓународната заедница кој е за цело време инволвиран во креирањето на нашата државна политика, се вели дека сега, кога работите во земјата ескалирале со бомбите, Западот немал стап, односно механизми, како да ја менаџира целава криза. Со други зборови кажано, една мега парадржавна структура, каква е ЕУ, со сите човечки и технички потенцијали кои ги има, згора на тоа и со САД како клучен сојузник, е немоќна да ги спроведе своите интереси во држава од два милиони граѓани и врз локален политичар од најнизок формат, каков е Груевски. Повторно неубедливо, особено кога ќе се погледне бруталноста со која таа иста ЕУ го присили Белград да седне да преговара со Приштина и остапките кои го натера да ги прифати. Исто така, таа иста ЕУ веќе две години како „се носи“ со никогаш посилната Русија во кризата со Украина, активно учествува во сите поголеми светски кризи од Ирак, Авганистан, Иран, Блиски исток, Северна Кореја, Либија, Египет, Грција, а сега немала „стап“ како да го заузда „македонскиот разулавен Макс“. Веројатно кога била проектирана и реализирана од членките на ЕУ Заедничката надворешна и безбедоносна политика на ЕУ, амбициите им биле многу поголеми од тоа да се нема капацитет да се разреши еден тривијален коруптивно-криминален скандал со македонски политичари. Народски кажано, не држи вода.
Кој е тогаш интересот на Запад што сѐ уште го игра Груевски? Прашање за милион долари, на кое јас немам одговор. Меѓутоа, наместо (традиционално) да плачеме над сопствената судбина и да се прашуваме зошто нѝ го прават од Западот ова и дали воопшто има морал во политиката, убаво би било, како за наук, да се потсетиме на еден фрагмент од историската читанка.
За време на Втората светска војна, во 1943. година, британскиот премиер Винстон Черчил решил да му го сврти грбот на дотогашниот сојузник Дража Михајловиќ и кралската војска во окупирана Југославија и да го поддржи Тито и комунистите. Изненаден од ваквиот пресврт на Черчил, тогашниот шеф на британската воена мисија при југословенските партизани, Фицрој Меклејн, го предупредил премиерот дека Тито и останатите раководители на движењето се заколнати комунисти и дека политичкиот систем кој ќе го воспостават по војната неизбежно ќе биде на советска линија, па, и доминантно свртен кон Советскиот Сојуз. На оваа забелешка, Черчил одговорил со против прашање до генералот Меклејн дали тој има намера по војната да живее во Југославија, на што добил негативен одговор.
– Ниту јас, и затоа ниту вие ниту јас не треба да се грижиме каква влада тие ќе воспостават. Она што нас нѐ интересира е како партизаните да им нанесат што е можно поголема штета на Германците – ја заклучил дискусијата Черчил.
Ваквиот лаконски одговор на така сериозно прашање, сурово, но искрено, ја потврдил на дело старата изрека дека Британија нема вечни пријатели туку само вечни интереси. Така, пред да ѝ го свртат грбот на југословенската кралска војска, Британците претходно го организирале мартовскиот воен преврат во Белград со истите тие генерали на кралевската војска. Историјата забележала дека пучот на 27. март 1941. година го извршил Душан Симовиќ, генерал на југословенската кралска војска, кој бил и соработник на Британската тајна служба и под чии инструкции го отпочнал бунтот против пактот со Германија (како Британија делумно би била растеретена од германските напади со активирање на нов фронт на Балканот). Кога на денот на немирите Черчил ја сушнал веста дека пучот во Белград дефинитивно успеал, тој воскликнал дека Србите повторно ја пронашле својата душа. Меѓутоа, тоа воодушевување со Србите не траело долго, односно уште кон крајот на истата година, британскиот универзитетски професор Ситон Вотсон изјавил дека Британија влегувањето на Југославија во војната го платила со пола милион фунти, така што Британците не им должеле ништо на Србите. Нешто подоцна се огласил и американскиот генерал и основач на ЦИА, Вилијам Донован, кој тврдел дека во јануари 1941. година бил во тајна посета во Белград каде ги запознал клучните пучисти, така што Србите не можеле да се повикуваат на 27. март 1941. година бидејќи Американците ја купиле таа револуција.
Јасно е дека во политиката сѐ е гол интерест и затоа сега, кога многумина се во бунило што тоа нѝ прави Западот и каков мотив имаат сѐ уште да го поддржуваат Груевски по обелоденетиот криминал, нека се сетат на зборовите на Черчил и си го постават прашањето дали некој од евробирократите и западните дипломати има намера приватно да живее во Македонија доколку и на следните избори повторно победи ВМРО – Груевистичка и агонијата во државата продолжи. Сигурно дека не, а за неподносливиот живот под тој режим за повеќето македонските граѓани – кој воопшто и да се грижи во Брисел.
Во меѓувреме, додека траат преговорите, „под житото“ кој кого (пот)купува и кој на кого му продава поддршка, веројатно ќе дознаеме од некоја идна историска читанка која допрва ќе треба да се пишува. Меѓутоа, да не испадне во неа да бидат опишани слот машините на Хан само како нечиј мал џепарлак во однос на сѐ она што се крие под врвот на коруптивниот леден брег!? Зашто, каков год поинаков заклучок да се донесе тој би бил нереален: Сталин, Рузвелт и Черчил успеале на Јалта за осум дена да го скројат целиот свет, на Господ таа задача му одземала уште помалку – седум дена, а за библиска Македонија да се стабилизира требаат месеци и месеци и сѐ уште трае и трае…
Ненад Живанвски