Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура

Од:

„Денес, 26 јуни, сe одбележува меѓународниот ден за поддршка на жртвите од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување. Во своето обраќање до нациите, генералниот секретар на Обединетите порача дека подемот на насилниот екстремизам и досега незабележаното ниво на присилно раселување во светот налагаат сеопфатен одговор од страна на државите. Важен аспект од таквиот одговор е преземање на активности за помош на жртвите соочени со тортура поради наведените негативни трендови.

Во мај 2015 година, Комитетот против тортура при Обединетите нации во Женева го разгледуваше напредокот на Република Македонија во областа на превенцијата и заштитата од тортура. Хелсиншкиот комитет, во соработка со Светската организација против тортура и пет локални невладини организации, до Обединетите нации поднесе алтернативен извештај за реалните состојби во државата. По сослушувањето на претставниците на државните институции, Комитетот за заштита од тортура заклучи дека во последниве шест години Македонија генерално не постигнала напредок во областа на борбата против тортурата.

Препораките кои Обединетите нации ги испратија до државата во голема мера беа инспирирани од алтернативниот извештај, а се однесуваат на 1) злоупотребите што произлегуваат од аферата „Прислушување“, 2) насилството меѓу затворениците и условите за живот во затворите, 3) неказнивоста за кривичното дело тортура, 4) условите за живот во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, 5) насилството врз ЛГБТ заедницата, Ромите и жените, 6) трговијата со луѓе, 7) Народниот правобранител и Националниот превентивен механизам, 8) Законот за амнестија на „Хашките предмети“, 9) здравствената заштита во затворените институции и 10) компензацијата и рехабилитација на жртвите.

Во изминатите 12 месеци Хелсиншкиот комитет регистрираше дузина посериозни инциденти на малтретирање, психичка и физичка тортура. Континуираното врзување со јаже на малолетното глувонемо момче од Ромската заедница кое поради погрешна дијагноза беше сместено во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско, четирите убиства на жени и девојки и нивни роднини (вклучително и со службено оружје) од страна на партнери претходно пријавени сторители на семејно насилство, нападите врз мигрантите-бегалци и нивното сместување во нечовечки услови, како и пронајдените фекалии во водата на Затворот Куманово завршија без соодветна, или воопшто не завршија со реакција од надлежните институции.

Хелсиншкиот комитет се приклучува кон одбележувањето на овој меѓународен ден и упатува апел до властите конечно да го препознаат постоењето на тортурата и да развијат политики за заштита од овој варварски чин. Властите мораат да спроведат политика на нулта толеранција за акти на тортура од страна на службени лица. Крајно време е да се соочиме со феноменот на неказнивост и солидаризирање на Јавното обвинителство и судството со полицијата. Главниот фокус мора да се насочи кон жртвите на тортура за кои државата се уште не обезбедува соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска