Хелсиншки: Прекумерна употреба на сила на полицијата, неуставен изборот на Чавков

Од:

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија констатира дека на протестот на 5 мај врз најголемиот дел од лицата  била употребена прекумерна сила од страна на полицијата. Најмногу тоа се случило кон луѓето кои се затекнале на мала уличка веднаш до булеварот Климент Охридски, каде група од 30мина полицајци ги бркала граѓаните кои почнале да се кријат во влезови од згради. На оние лица кои не успеале да и избегаат на полицијата била употребена прекумерна сила, иако според изјавите на граѓаните тие не пружале никаков отпор ниту пак знаеле зошто полицијата ги брка.

Случај 1 – 2 лица ( машко и женско) биле нападнати од страна на група од 6-мина полицајци со што се здобиле со физички повреди по целото тело, а едното лице и со физички повреди во делот на главата. Потоа биле однесени во полициска станица и задржани 24 часа.

Случај 2 – 2 лица (машко и женско) биле бркани од група од 4-ца полицајци, поради што се засолниле во подрумот на еден од влезовите на околните згради. Откако биле најдени од страна на полицијата со тегнење биле извадени од влезот, легнати на тротоар и физички нападнати. Потоа биле пуштени.

Случај 3 – 1 лице (машко), кое не бил учесник на протестот, било пресретнато од група на полициски службеници на булеварот Климент Охридски, бил легнат на тротоар и тепан од страна полицијата, по што бил однесен во полициска станица и задржан 24 часа.

Случај 4 – 2 лица (машки) на бул. Партизански одреди, пред Соборниот Храм, додека биле со исправени раце како знак дека  мирно протестираат, биле физички нападнати од група полицајци, приведени и задржани во полициска станица 24 часа.

Случај 5 – 1 лице, кое било присутно на протестот во својство на новинар, било пресретнато од двајца полициски службеници и физички нападнато со што се здобило со физички повреди во делот на десната нога и главата.

Најголемиот број лица кои дојдоа во Хелсиншкиот комитет да го пријават полициското насилство не сакаат да покренат постапки против пречекорувањата на полицијата и употребата на прекумерна физичка сила, поради недовербата во институциите. Сметаат дека нивните права нема да бидат заштитени и дека евентуалните постапки кои би ги покренале ќе им наштетат на нив или нивните семејства. Ваквите изјави ја потврдуваат констатацијата која Хелсиншкиот комитет ја дава во своите месечни и годишни извештаи во однос на недовербата на граѓаните во институциите, особено врз судството, поради нивната партизираност и неможноста да се спротивстават на влијанието од извршната власт, пишува во двомесечниот извештај на Хелсиншкиот комитет за април и мај 2015 година.

Двомесечните протести, бојкот на наставата и поставувањето на камп наспроти Министерството за образование и наука од страна на на автономното движење Средношколски пленум започна под остри напади кон младите кои земаа активно учество во протестите и преговорите со министерството. Имено, Комитетот забележа обиди за прекин на бојкотот и преговорите преку различни методи на заплашување и етикетирање на младите во јавноста. И покрај бројноста и правната основа за прифаќање на понудените измени во реформите од страна на младите, сепак, Министерството за образование и наука одлучи да ги игнорира и молчи до прекинот на протестите.

Комитетот изнесе забелешки и за преговорите кои се водеа помеѓу претставниците на Средношколскиот пленум со Министерот и заменикот-министер за образование и Абдулраким Адеми, Спиро Ристовски и Вице-премиерот Владимир Пешевски. Обидите за дискредитација на барањата на младите како и нивната личност и достоинство не беа земени предвид. Одвоените 20 минути простор за зборување за состанок во времетраење од 1 час и 15 минути укажува на непознавањето и непочитувањето на одредбите од Конвенцијата за правата на детето, која во член 12 предвидува дека детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание. Воедно, Комитетот ги разгледа правните основи на младите и во целост ги поддржува барањата за укинување на екстерното тестирање како модел, пишува во извештајот.

Од Хелсиншки забележуваат и дека имало поголемите повреди и обиди за влијаење врз мислењето на граѓаните за време на спроведувањето на јавната кампања „Го сакам ГТЦ“ која имаше за цел да ги информира граѓаните за локалниот референдум. Попречувањето на кампањата се состоеше од уништување на пропагандниот материјал и организирање на контра-кампања за откажување на референдумот од непознати лица кои беа во посета на граѓаните и регистрирани со видео-запис.

Резултатите од локалниот референдум, кој иако не успеа да го обезбеди потребниот цензус или 50% излезност на граѓаните со право на глас во Општина Центар, сепак ја покажа волјата на граѓаните во насока на зачувување на изгледот на ГТЦ. Од 40.7% излезност на граѓаните, само 3,6% гласале „ЗА“ промена на архитектонското решение. Локалниот референдум според подносителите и поддржувачите на иницијативата е успешен доколку волјата на граѓаните биде земена предвид како и податокот дека за последните претседателски избори цензусот мораше да биде намален за истите да можат да се спроведат. Имајќи ги предив овие појави се препорачува прочистување на избирачките списоци и разгледување на можноста за измени во Законот за референдум и други непосредни облици на учество на граѓаните, пишуваат од Хелсиншкиот комитет.

-На 12 мај 2015, претседателот на Владата на РМ, до Собранието на РМ достави допис во кој извести за оставките на министрите за внатрешни работи и транспорт и врски. Во дописот беше содржан и предлог за избор на нов министер за внатрешни работи, а лицето предложено за функцијата беше г. Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност при МВР. Видно од кратката биографија на г. Чавков, тој од периодот април 2012 година до мај 2013 година работел на работното место „началник на централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР“.

Согласно Член 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, г. Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека г. Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот на РМ.

Комитетот потсетува дека во 2004 година, пред Уставниот суд на РМ, го оспори изборот на г. Силјан Аврамовски како министер за внатрешни работи. Причината за оспорувањето беше работниот ангажман на г. Аврамовски најпрвин како помошник директор, а подоцна (во рокот од 3 години пред назначувањето) и директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. За жал, со Решение У.Бр. 127/2004, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучува по ова прашање посочувајќи дека е право на Собранието да ги избира министрите во Владата и дека одлуката за избор по својот карактер и содржина претставува поединечен акт, со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин и истиот не е пропис.

Хелсиншкиот комитет смета дека прифаќање на предлогот на премиерот од страна на мнозинството пратеници претставуваше јасно, свесно и недвосмислено прекршување на Уставот на РМ. Комитетот укажува дека споменатото решение на Уставниот суд не смееше да се користи како оправдување за неуставен избор на идниот министер за внатрешни работи. Поради сето наведено избор на г. Чавков ќе го оспориме пред Уставниот суд, пишува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Во извештајот се нотирани и случувањата со мигрантите, трагичниот епилог за малата Тамара Димовска, социјалните права како и палењето на автомобили на членови на опозицијата. Целиот извештај можете да го прочитате тука.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска