Без шатор, без душек, само со една торба и со неколку шишиња вода, исто како мигранитите кои поминуваат низ Македонија, аналитичарот Суад Мисини од вчера штрајкува со глад, пред Собранието на РМ.
Тој вели дека страдањата на луѓето кои поминуваат низ земјава се толку големи што мора да се реагира веднаш и одлучно. Тие се изложени на криминал, насилство, кражби, силувања и нечовечки услови во собирниот центар. Мисини вели дека МВР мора да го спречи ова.
– Кризата со мигрантите ескалираше до нивоа кои се неприфатливи за недно демократско општество. Македонија е сепак дотолку развиена држава, што не може да се дозволи ескалација на криза во која луѓе умираат, тие се подложени на криминал, на пљачка, на насилство, на силување. Од друга страна ескалираше недостатокот на интерес сето тоа институционално да се разреши.
Мојот акт мора да посочи на угентаната потреба дека мора нешто да се стори под итно, особено на институционален начин, вели Мисини.
Тој апелира уште на денешната седница на Влада на која ќе се разгледуваат измените во законот за азил да се додаде мигрантите слободно да можат да користат јавен транспорт на територијата на Македонија.
– На тој начин ќе сопре оваа голгота на пешачење 200 километри низ Македонија, тоа е нешто невидено во Европа. На тој начин, ќе се спасат од изложеност на криминални активности. Дел од моите барања е владата да побара денеска од парламентот со измени кои ќе понудат суштински промени а не козметички, да се донесат по скратена постапка, додава Мисини.
Според него најитно треба да се донесе закон со кои на мигрантите ќе им се овозможи слободно движење.
– Едно од барањата е МВР да спроведе мерки со кои ќе ги заштити овие луѓе од криминал, затоа што има луѓе што работат во МВР и во други државни институции кои се инволвирани во криминал. Имаме сведочења за пљачки, насилство, тероризирање, силување и тоа мора веднаш да престане и МВР мора веднаш да го сопре тоа, вели Мисини.
Неговото трето барање е веднаш да се пуштат луѓето што се затворени во центарот во Гази Баба бидејќи тие се држат таму надвор од секаква правна рамка и тоа во ненормални нечовечки услови.
Суад Мисини е експерт, кој 20 тина години се занимава со проблемите на азилантите и мигрантите. Спроти Собранието каде што тој стои, постојано доаѓаат луѓе кои го поддржуваат, тој вели дека е решен да штрајкува додека не се исполнат неговите барања.
А.Б.