Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за денар до 1,5 денари, а цената на дизел горивата се намалува за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,42, односно за 0,14 отсто.
Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за еден денар по литар и сега ќе се продава 71,5 денари. Цената ЕУРОСУПЕР БС-98 порасна за 1,5 денари за литар и ќе чини 73,50 денари.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар за литар и ќе изнесуваат 56,5, односно 45 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,053 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС кој сега ќе се продава за 27,816 денари за килограм.
Како причина за промената на цената на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 1,61 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 1,214 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.