Лидерите на четирите најголеми политички партии од Република Македонија, Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ), во среда во Брисел ќе се обидат да постигнат договор со кој би се решила политичката криза во Македонија.
Се очекува лидерите, со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, да постигнат договор со кој ќе биде надмината политичката криза.
По состанокот на Хан со лидерите на политичките партии во Скопје, беше договорено организирање на предвремени парламентарни избори во април следната година, а во меѓувреме треба да се поправи Изборниот законик, да се направат реформи во судството, засилено владеење на правото и слобода на изразување/медиуми.
ЕК веќе предупреди доколку не биде постигнат договор дека е можно да биде одземена препораката за почеток на пристапните преговори со ЕУ, препорака што Македонија ја добива веќе шест години по ред.