Активистите од „Протестирам“, од утре во 18 часот повторно излегуваат на улиците на Скопје и другите градови. Нивното основно барање е оставка на владата на Груевски, но и тоа што нападот врз сртудентите во читалната „Браќа Миладиновци“ што се случи на ноќта на 5. мај, се уште не расчистен и дека пресудите на студентите што беа притворени се еднострани.
– На 5. мај започна народен, спонтан народен бунт на незадоволство против власта на Никола Груевски и на тој ден настрадаа голем број граѓани, а во бруталниот налет на полицијата настрадаа и невини студенти кои учеа во читалната “Браќа Миладиновци“.
– Фактот што тој инцидент до денеска не е расчистен покажува дека оваа власт е непресметлива и не ја интересира правдата, затоа ние сметаме дека нашиот глас и на несогласување и нашиот бунт мора да продолжи, рече Артан Садику, активист.
Според активистите од Протестирам политичката криза во државата не е резултат на судирот на две политички партии, туку на несогласувањето на граѓаните со криминалната клика на власт и корумпираниот политички систем кој е причина што голем број граѓани се обесправени и оштетени и се чувствуваат загросени во својата сопствена држава.
– Ги повикуваме сите граѓани да продолжиме да го градиме заедно масовното народно движење кое бара демократија и спроведување на институционална демократизација во Македонија, тој процес никогаш не може да биде резултат на преговори на политички партии, туку мора да биде транспарентен во кој граѓаните ќе добијат пристап и нивниот глас ќе биде слушнат, рече Садику.
Се додека не се случи таа демократизација тие во различни форми ќе укажуваат на неправдата и корумпираниот начин на владеење на оваа власт.
– Ние сметаме дека оваа власт е нелегитимна и ги користи и ги крши законите онака како што им одговара за да им наштети на оние кои се спротивставуваат на нејзиното владеење, Поради недоверба во нејзиното владеење ние се сомневаме дека ако поднесеме барање до внатрешна контрола на МВР или кој било друг орган, рече Здравко Савевски од Солидарност.
А.Б.